„Со насобраното ѓубре станавме бетер од Скопје“ велат жителите од селото Крупиште кои се жалат на нередовното изнесување на сметот од контејнерите и кантите кои се полни со ѓубре со недели.
На жителите на селото им било кажано дека имале дефект на возилото со кое се собира отпад. Неодамна Општината од Владата на Швајцарија доби донација за ново возило за собирање ѓубре, кое од понеделник ќе почне да се користи.
„Порано и тревата се косеше, рака на срце и камионот доаѓаше почесто, ама во последно време го нема со недели. Кантите и контејнерите се прополни. Целото ѓубре е пред црквата. Полни со ѓубре се и кантите кај селската чешма. Полни се и нашите пред куќите“, велат жители на селото Крупиште кои се жалат и од неискосената трева на улиците. Велат дека секојдевно се јавувале во Јавното претпријатие и во Општината Карбинци која има седиште во истоименото село.
Од комуналното претпријатие „Плачковица“ велат дека во овој период им треба повеќе време за транспорт на сметот затоа што наместо во старите депонии, сега сиот отпад времено се носи во депонијата „Трештена скала“ кај Штип која е оддалечена од Општина Карбинци, сѐ додека не профункционира регионалната депонија.
„Новото возило кое е донација од Владата на Швајцарија, а во набавката учествуваше и нашата Општина, дури завчера доби регистрација и од понеделник заедно со старото возило ќе бидат во полна функција. Истовремено е изготвен и нов план со рамноправен распоред за собирање отпад од сите села. Со нов распоред ќе бидат и екипите на терен и мислам дека ќе нема проблеми не само за селото Крупиште , туку и за останатите дваесетина села колку што се во Општина Карбинци ,“ вели директорката на ЈП „Плачковица“ Елена Коцева.
Т. ЈОВАНОВСКИ