Пет млади уметници од Скопје од вчера цртаат графити со детски имиња на бетонската ограда која Град Скопје ја постави за поголема безбедност на пешаците и возачите. Имињата се на децата кои живеат во околните згради и куќи и секој ден ја минуваат улицата за да одат на училиште или во градинка.
„Улицата Цветан Димов сега е многу побезбедна за пешаците што ја преминуваат секојдневно, а особено многу побезбедна за децата кои учат во училиштата во близина. Овие деца, чии имиња се испишани на ѕидот се најчестата жртва на оваа улица, а за жал досега никој немаше храброст да преземе некаков чекор за да се намали ризикот. Имињата кои минувачите ќе ги читаат, се децата кои овој ѕид ќе ги чува“, велат од Град Скопје.
Улицата Цветан Димов во скопски Чаир со години важи за една од најнебезбедните улици во Скопје. Во овој дел од градот иако има пешачки мост никој не го користи, па кој како сака минува низ улицата. Возила постојано има испаркирано на коловозот и вртат полукружно иако тоа е забрането. Затоа, Град Скопје пред една недела постави бетонска ограда висока еден метар во должина од 380 метри долж улицата.
А. АНТЕВСКА