Историскиот архив од Велес одбележа 70 години постоење. Формиран на 13 декември 1954 со решение на Градскиот одбор на Општина Титов Велес, Архивот поседува документација од Повардарјето, општините Велес, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Гевгелија, Росоман, Чашка, Градско.
Подрачната единица на Државниот архив во Велес е сместена во зграда на илјада квадратни метри, вработените се грижат за 800 фондови, сместени во 8.808 архивски кутии, архивски материјал со должина во еден километар.
„Архивот е многу важен за зачување на идeнтитетот, jaзикот, историјата. Овие седум децении, Архивот од Велес на најдобар можен начин ја одигрува улогата во општеството како документатор на колективната и локална меморија. Изјавата на еден од создавателите на Историскиот архив во Македонија, Димче Стојанов-Мире, вели дека без документација нема нација. Јубилеите се можност да им оддадеме признание, почит на сите кои работеле во Архивот. Петар Стојанов, професор по историја во велешката гимназија, на 4 април 1951 го формира архивското седиште. За две години работа докажува седиштето не е депонија за стара хартија, туку достоинствена институција која прибира значајни документи од Повардарјето, рече д-р Јасмина Дамјановска, раководителка на Архивот во Велес.
По повод јубилејот беше издадена монографија „70 години Архив во Велес, најзначајниот меморијален центар во културното наследство“. На 280 страници се поместени ретки документи, најстариот е турска тапија за купопродажба од 1768 година, но и малку познати фотографии од историјата на Велес низ вековите.
„Луѓето се тие кои создаваат историја и тие стојат зад успешната работа на Архивот во Велес. Во монографијата ќе проследите значајна фотографска документација, која ја претставува пишаната документација во форма на хартија, фотографии. Таа е времеплов на велешкиот Архив. Тука ги има прилозите на весникот ‘Вардарски глас’, потоа бројните приватни и правни содржини од различни семејства и институции. Визијата на вработените да се грижат за историското минато низ добиената документација е за пофалба, би биле многу посиромашни за историски, културен и духовен идентитет без нив“, рече Наташа Котлар, директорка на Државниот архив.
Вработените извршуваат истражувачка и научна дејност со нивната работа, создаваат ризница значајна за историјата. Во депоата на Архивот се наоѓаат документи од општините од Повардарјето, од Основните судови, купопродажни договори, пресуди, градежните планови за изградба на значајни објекти, како што е Топилница, Порцеланка, Свилара, потоа документацијата од фирмите во стечај и најчесто барана е документацијата за формуларите за работен однос. Има и документација од болниците, за оперативните зафати кои се извршени врз пациентите, историјата на болестите. Има и доверлив материјал, како што е документацијата за посвоени деца, која не може да се отвори пред 100 години од нејзиниот датум.
Еден од истражувачите на документацијата во Историски архив Велес е проф. д-р. Ѓорѓи Малковски, кој истражувал долги години, уште кога директор бил Славчо Николов. Има издадени 13 книги за Велес, а материјали црпел од Архивот.
„Има три работи поради кои би го посочил на граѓаните. Првата е што има документ со кој велешани можат да си го проверат семејното стебло, ги има податоците по семејства од 1850 до 1942 и такво немам сретнато во друг архив во Македонија. И се чудам како Бугарите во Втора светска војна ги оставиле. Во нив се евидентирани сите велешки фамилии, по улица и број. Таков податок на друго место немам видео. Пишан е најстариот жител, неговата сопруга, па децата кој како се женел, се мажел. Комплетна генеологија на сите велешки фамилии. Второ нешто е документите за доаѓањето на Македонците од Егејскиот дел на Македонија од 1944 се до 1960. Евидентирано е кој дошол, со кого, како дошол, каде бил сместен, тоа е огромно богатство. Тоа не е само за Велес, туку и за Повардарјето. Потоа Велес има дадено бројни семејни жртви во НОБ и цели фамиии го дале животот за слободата.Тоа се човечки судбини кои ретко ги има и во Европа. Капчеви, Митреви, Кошулчеви. Во документите складирани во архивот, се собрани животните судбини на велешани, тоа што бил некогаш“, вели Малковски.
Меѓу документацијата се наоѓаат и документи од поранешни општини, денес села кои и немаат жители, Крива Круша, Бистрица, Ораов Дол, Башино Село, Војница, Лисиче, Врановци, Ораовец. Меѓу документите е и преписката на Андреја Дамјанов со сараевското православно намесништво, за преговарите за изградба на православен храм во Сараево, БиХ. Потоа, документот за смртта на Панко Бршанаров, кој починал на 13 јули 1951 на Голи Оток, како и причините за смртта. Меѓу документацијата е целиот фонд на вести на локалното радио Радио Велес за 50 години работа, плус документарните и говорни емисии и програми.
П. ПЕЧКОВ