БИ ГО УРНАЛ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, АМА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВОДИ ИСТРАГА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР БОГДАНОВИЌ

    БИ ГО УРНАЛ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, АМА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВОДИ ИСТРАГА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР БОГДАНОВИЌЗа разлика од Богдановиќ, од Владата сметаат дека споменикот не треба да се урива. - Недоградениот споменик на Мајка Тереза (архивска фотографија)

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ смета дека споменикот на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија треба да се урне. Но, засега тој не може да го стори тоа оти Обвинителството имало отворено истрага околу постапката за изградба и финансирање на објектот.

    „Јас сметам дека треба да се урне бидејќи има отстапки по неколку параметри меѓу кои и тоа што го попречува пристапот до плоштадот. Но, не можеме нагло да го срушиме бидејќи Обвинителството води одредени истраги и за овој предмет“, рече денеска Богдановиќ на брифинг, одговарајќи на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто објектот не се урива.

    Богдановиќ смета дека со измените на деталниот план за Мал ринг кои се работат во рамките на мораториумот овој објект треба да биде избришан од планот.

    За разлика од Богдановиќ, од Владата сметаат дека споменикот не треба да се урива. Во февруари, Владата донесе одлука тој да се догради и пренамени бидејќи уривањето би било поскапо. Одлуката на Владата е спротивна и на извештајот на Работната група за „Скопје 2014“, која ја формираше токму Владата преку Министерството за култура. Таа предложи споменикот да се урне бидејќи прекршува низа закони, правниот поредок и владеењето на правото.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари