Универзална сала во Скопје ќе биде готова во 2026 година, најави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. По пауза од две години откако градоначалничката Данела Арсовска ги стопираше градежните работи, фирмата изведувач „Универзал-Балкан“ деновиве почна со градежни работи за реконструкција на надворешноста на објектот.
Според договорот, за 90 работни дена или до летово треба да биде готова надворешноста и куполата, по што ќе се продолжи со внатрешноста. Дополнително треба да се распише тендер за изведувач на внатрешноста.
Проектот е готов и како што кажа проектантот Бујар Муча, проектант од „Мегарон инженеринг“, ќе биде задржана автентичноста на објектот.
„Да, ќе знаете дека влегувате во Универзална сала, само ќе биде модернизирана. Проектот предвидува да има помалку седишта, но тоа е направено за да не бидат посетителите стуткани во седиштата туку да има поголема комоција. Објектот е безбеден, имаме позитивно мислење од ИЗИИС“, рече Муча.
Универзална сала е затворена 9 години и буквално скапува. Градежните работи за реконструкција почнаа во септември 2021 во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов. Според проектот, салата требаше да се гради во две фази. Првата фаза чини 2 милиони евра кои се обезбедени од Владата.
А. АНТЕВСКА