Новиот градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, соопшти дека во наредниот период стручни лица ќе ги прегледаат тендерските документации за сите тековни инфраструктурни проекти кои се одобрени од претходната локална власт. Станува збор за проекти за изградба на улици, канализациона мрежа и водоводна инфраструктура.
„Врз основа на жалбите и поплаките на граѓаните за извршената работа надвор од потребните стандарди, ве известуваме дека градоначалникот Касами побара од Секторот за општествени дејности и заштита на животната средина и природата да се прекинат сите работи кои се во надлежност на овој сектор. Станува збор за сите инфраструктурни проекти, патишта, канализациона мрежа и водоводна инфраструктура“, се вели во соопштението испратено од Општина Тетово.
Освен контрола на постоечката документација, и на терен ќе се проверува што и како е сработено. Во последните месеци пред локалните избори, поранешната градоначалничка Теута Арифи започна со реконструкција на неколку важни улици во градот, но и по неколку месеци работа, голем дел од нив стојат раскопани и неасфалтирани.
„Онаму каде што ќе се забележат неправилности ќе се преземат соодветни мерки согласно законот, а таму каде што работите се одвиваат според законот, ќе продолжат“, информираат од кабинетот на градоначалникот.
Веднаш откако беше избран за градоначалник, Касами најави дека ќе се прегледа сè што досега е направено од страна на претходната општинска власт. Во неформална средба со новинарите тој го повтори својот став за целосна транспарентност во работењето на новата општинска власт и најави дека откако ќе биде прегледана целата документација, пред јавноста ќе излезе со сите сознанија до кои ќе дојде.
„А тоа ќе се случи наскоро“, потенцира Касами.
З. АНДОНОВ