БИТКАТА ЗА ВОДНО НЕ Е ИЗГУБЕНА, ПОРАЧАА ОД ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА ГАСОВОДОТ

    БИТКАТА ЗА ВОДНО НЕ Е ИЗГУБЕНА, ПОРАЧАА ОД ГРАЃАНСКИТЕ ИНИЦИЈАТИВИ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ИЗГРАДБАТА НА ГАСОВОДОТНа протестот на сртот на планината во близина на Милениумскиот крст, на граѓанските иницијативи им се придружија околу стотина граѓани, планинари и велосипедисти (Фото: „Го сакам Водно“)

    Битката за Водно сè уште не е изгубена, порачаа на денешниот протест против изградбата на гасоводот од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“. На протестот на сртот на планината во близина на Милениумскиот крст, на граѓанските иницијативи им се придружија околу стотина граѓани, планинари и велосипедисти. Тие на големото платно на кое пишуваше „Не низ Водно“ ги испишаа своите пораки за заштита на парк шумата и потоа ги поставија пред багерите кои се наоѓаат на планината поради градежните работи за изградба на гасоводот.

    „Во јавноста се говори дека битката за Водно е изгубена, дека гасоводната траса мора да оди низ овој дел од парк шумата. Ние сме тука да порачаме дека таа битка сè уште не е изгубена и да докажеме дека здравјето на граѓаните на Скопје е пред битката за профитот, односно од тој наводеден бенефит од гасоводот. Ние не сме против гасификација, туку бараме тој да минува низ северната страна на Водно. Сакаме да повториме дека овој гасовод не е за Скопје туку за Тетово и Гостивар. Скопје веќе 20 години има гасовод, но нема терцијална и секундарна мрежа. Исто така, мрежа немаат ниту Тетово и Гостивар. Додека се проектира мрежата има време да се најде и нова траса низ која ќе минува гасоводот“, рече Анреа Јанков од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

    Трасата на гасоводот е предвидено да минува од јужната страна во парк-шумата, поточно од Сопиште кон врвот на Водно, паралелно со пешачката патека кон бункерите минува низ шума, до Бел Камен, од каде што се спушта кон селото Шишево.

    Владата не отстапуваат од планот градежните работи за гасоводот да се одвиваат по јужната страна на планината. Од таму велат дека гасоводот ќе се гради на јужната страна, но со изменета траса со што ќе се намали уништеното зеленило.

    На 15 август, граѓанските иницијативи испратија и писмо до канцеларијата на Европската унија во Скопје, во кое ги информираат за состојбата со парк шумата Водно и штетата која ќе ја предизвика изградбата на гасоводот.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира