БИТОЛА НЕ Е АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ ДА СЕ КОНЗЕРВИРА, ТУКУ ГРАД КОЈ ТРЕБА ДА СЕ ОБНОВИ, АРХИТЕКТИТЕ БАРААТ ПРОМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СТАРО ГРАДСКО ЈАДРО

    БИТОЛА НЕ Е АРХЕОЛОШКИ ЛОКАЛИТЕТ ДА СЕ КОНЗЕРВИРА, ТУКУ ГРАД КОЈ ТРЕБА ДА СЕ ОБНОВИ, АРХИТЕКТИТЕ БАРААТ ПРОМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СТАРО ГРАДСКО ЈАДРОЗаконот за старо градско јадро, со заштита опфати голем дел од градот, па потребните дозволи од Управата и строго пропишани постапки ги кочат инфраструктурните зафати и реконструкцијата на куќите во поширокото централно подрачје до тој степен што се распаѓаат. (Фото: СДК.МК)

    „Битола не е тема на конзерваторски проект. Ние не сме археолошки локалитет, туку град. Треба да правиме проекти за ревитализација на градот, а на за конзервација“, реагираше архитектката Билјана Најдовска на јавниот форум за уредување на плоштадот Гоце Делчев, откако стручни лица кажаа дека за тоа ќе биде потребно одобрение од Управата за културно наследство.

    Законот за старо градско јадро, донесен во 2015, со заштита опфати голем дел од градот, па потребните дозволи од Управата и строго пропишани постапки ги кочат инфраструктурните зафати и реконструкцијата на куќите во поширокото централно подрачје до тој степен што се распаѓаат.

    „Централното градско јадро се распаѓа и е испразнето од луѓе зашто не можат да добијат одобрение за реконструкција на обична куќа, тоа е постапка која трае и до три години. Мора да се избориме заедно да се смени тоа. Има начини кои не се скапи како тие куќи да се ревитализираат, место да се уриваат поради неможноста да се добие одобрение за реконструкција. И луѓето се иселуваат од градот. И колку е поиселен толку е поголем прилив на возила, зашто сите млади живеат во околината, а на работа доаѓаат со коли во центарот на градот“, рече Најдовска.

    „Има начини кои не се скапи како тие куќи да се ревитализираат место да се уриваат поради неможноста да се добие одобрение за реконструкција“, рече Најдовска. (Фото: СДК.МК)

    Зоран Алтипармаков, дипломиран архитект и советник-конзерватор во Завод и Музеј Битола, рече дека во тек е носењето на новиот Закон за заштита на културно наследство на предлог на Министерството за култура и туризам, кој веќе е објавен на Електронскиот национален регистар (ЕНЕР).

    „Со новиот Предлог-закон се предвидува враќање на ингеренциите на регионално ниво. Предметите ќе се решаваат локално, односно во надлежната институција во Битола. Само за спомениците, како Саат-кула, Офицерски дом и други, ќе се бара конзерваторско одобрение, а за другите објекти заштитно одобрение“, рече Алтипармаков.

    Со досегашниот закон, старото градско јадро на Битола беше прогласено за културно наследство од особено значење. Според зафатнината од 109 хектари, тоа е едно од најголемите споменични целини во земјава. Опфаќа четири урбани комплекси: Стара чаршија, Широк Сокак, Дрвен Пазар и Булеварот.

    Според режимот на заштита, не смее да се менува постојаната улична мрежа и да се вршат земјени или градежни работи без да се извршат археолошки истражувања на земјиштето и да се извадат потребни дозволи, процес кој е сложен и долго трае. Законот за заштита постои, а низ Битола расте бројот на објекти кои се распаѓаат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира