БИТОЛА СО ГОДИНИ НЕ ЈА РЕНОВИРА КУЛТНАТА КАФЕАНА КАЈ ТУМБЕ КАФЕ, ОСТАНА РУИНА

    БИТОЛА СО ГОДИНИ НЕ ЈА РЕНОВИРА КУЛТНАТА КАФЕАНА КАЈ ТУМБЕ КАФЕ, ОСТАНА РУИНАВо социјализмот тука беше една од најпознатите кафеани која ја имаше и во телевизиските реклами, но со години е запоставена од локалната власт. (Фото: СДК.МК)

    Убавината на меаната на Тумбе Кафе остана опеана само во македонската староградска песна „Ајде да одиме во Битола“ и во спомените на повозрасните битолчани. На терен остатоците од неа наликуваат на хорор филм. Објектот се распаѓа и има функција на јавен тоалет што го користат случајните минувачи. Местото е познато уште од турско кога беговите и агите под дебелите дабови сенки на раат го пиеле своето прво утринско кафе со локум. Во 1911 во Тумбе Кафе бил организиран и јавен ручек за отоманскиот султан Решад Петти. Во социјализмот тука беше една од најпознатите кафеани која ја имаше и во телевизиските реклами. Но, веќе неколку децении не работи и местото се руинира.

    Пред неколку години архитекти Владимир Лековски и Искра Анастасовска кои го изготвија проектот „Тумбе Кафе современ културен центар на Битола“ предложија културен центар како помошна сцена на главната културна сцена во Битола, нов кафе-ресторан со сместувачки павилјони со капацитет од педесетина посетители и обновување и дополнителни интервенции на летната сцена – малиот амфитеатар. Но, локалните финансиери не покажаа интерес за инвестирање.

    Објектот се распаѓа и има функција на јавен тоалет што го користат случајните минувачи. (Фото: СДК.МК)

    Независната советничка група Поинаку во септември 2020 на Тумбе Кафе организираше дружење со битолчани од 7 до 77-годишна возраст.

    „Оваа скромна акција, дружба и иницијатива се надеваме дека ќе допре до надлежните институции кои ќе се сетат дека во Битола има многу оставени и руинирани објекти кои се со огромно значење за битолчани и потенцијалните туристи кои го посетуваат нашиот град. Сите мислења, идеи и ставови од битолчани во наредниот период ќе бидат доставени и во Советот на Општина Битола“, рекоа пред две години од Поинаку.

    Сега се дел од локалната власт, но сè уште нема инвестиции за заживување на некогашната култна кафеана. Таа и натаму е само риуна на Тумбето.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира