Иако Битола ни умира, ентузијазмот во нас не е мртов, сакаме подобри услови за спорт, вели битолчанката Софија Бејковска Чачоровска, која вчера изведе голем спортски подвиг препливувајќи го Охридското Езеро, дистанца од 30 километри. Пливачката вели дека со ваквиот потфат испратила глас до јавноста дека Битола има таленти за пливање, а никогаш во своето постоење немала покриен базен.
„Целта ми беше да го свртам вниманието на јавноста кон Битола која нема покриен базен, поради што нема подобри услови за да можат младите пливачи да постигнуваат поголеми спортски резултати“, вели Софија.
Таа има 29 години, а плива од малечка. Уште како дете ја почувствувала потребата од подобри улови за тренинг за младите таленти да можат да се развијат во професионални пливачи.
„Да пливам, како мала ме научија родителите. Но, на 12 години тренерот Кире Марков ме научи да ги пливам сите стилови. Како дете учествував на два мали маратони и увидов дека во градот немаме доволно услови за да ги постигнеме резултатите кои ги посакуваме, па потоа продолжив да пливам рекреативно“, раскажува Софија.
Таа е голем вљубеник во Охридското Езеро и од мала сонувала да го преплива. Се одлучила на овој храбар чекор годинава, пред да наполни 30 години и во време кога е неопходно да се испрати апел за подобрување на условите за спортување во Битола.
„Летово започнав со редовни тренинзи. Интензивно тренирав два и пол месеца. Кога одев на работа дневно имав еден тренинг, а кога бев слободна двојни тренинзи. Се случуваше дневно да пливам по 10 до 12 километри. Со сопругот изнајмивме и приколка во Љубаништа за да можам да тренирам“, вели Софија.
Маратонот на Бејковска Чачоровска вчера траеше десет и пол часа, време за кое таа го преплива езерото од Свети Наум до центарот на Охрид. Започна да плива рано наутро, а пристигна во целосен мрак. По патот кон целта ја бодреа сопругот Влатко Чачоровски и тренерот Кире Марков. Ова е втор пат битолчанец да го преплива Охридското Езеро по успехот на маратонецот Ристо Билбиловски во 1960-тите години.
„Ако Битола добие покриен базен можам да ветам дека сигурно ќе имаме и олимпиец. Во моментот имаме десетина деца кои можат да пливаат брзински, а двајца до тројца за маратон. Битола од секогаш имала јаки спортисти, но немала доволно услови за тренинг“, вели тренерот Кире Марков од спортско пливачкото друшто „Олимпик Битола“.
Тој тренира млади битолчани во пливање од 1974 година и на шега во разговорот ни рече „да изградат покриен базен во Битола, да се избањам еднаш во него и да си заминам од пливањето.“
Изградба на покриен базен беше ветување на битолскиот градоначалник Владимир Талески уште пред шест години, но до денес остана нереализирано. Во 2012 година тој изјави дека општината објави јавен повик за приватен инвеститор кој ќе биде заинтересиран да го изгради базенот и да склучи јавно приватно партнерство со Општината. Беа спомнати дури и димензиите 25 метри во ширина, 53 метри во должина и 2,05 метри во длабочина. Базенот требаше да се гради во близина на спортската сала „Младост“. По ова, од Општината изјавуваа дека нема заинтересиран приватен инвеститор кој ќе го гради објектот, па така Битола остана со еден, отворениот Олимписки базен.