БИТОЛЧАНИ ГО ПОШУМУВААТ РИДОТ НАД ГРАДОТ ШТО ИЗГОРЕ ВО ПОЖАРИТЕ ВО 2007

    БИТОЛЧАНИ ГО ПОШУМУВААТ РИДОТ НАД ГРАДОТ ШТО ИЗГОРЕ ВО ПОЖАРИТЕ ВО 2007Беше планирано да се засадат најмалку сто зимзелени дрвца на локацијата кај Кркардаш (Фото: СДК.МК)

    Порано ридот беше со густа борова шума, а денес е гола ледина, вака жителите на битолската населба Баир раскажуваат за Кркардаш, некогаш една од најомилените рекреативни зони на Битола. Баирчани, а и жители од другите населби, денеска се искачија на ридот за да засадат дрвце и да ѝ го вратат ова белодробно крило на Битола, кое изгоре во пожарите во 2007 година. Иницијативата „Зелен баир“ е во организација на Форум ЦСИД, а е поддржана и од УСАИД. Придонес кон акцијата даде и јавното претпријатие „Комуналец“, обезбедувајќи стручна и професионална помош.

    „Планирано да се засадат најмалку сто зимзелени дрвца на локацијата кај Кркардаш. Во последните години често слушаме дека воздухот е доста загаден и тоа нѐ мотивираше да направиме една ваква акција, која е и премногу мала за проблемот што го имаме. Мотивот ни е повторно да го направиме Кркардаш зелен. Порано ридот беше пошумен со зимзелени дрвја и беше место каде што луѓето од целиот град доаѓаа за рекреација“, рече Мирко Наумовски, координатор на акцијата „Зелен Баир“.

    Викендов во Битола се одвива уште една акција на пошумување, во организација на Ротари клубот „Широк Сокак“ од Битола, кој со стручна поддршка на ЈП „Македонски шуми“ ќе засади 100.000 садници на повеќе локации низ градот.

    Добар дел од шумата што ја обиколува Битола изгоре во големите пожари во 2007 година. Појасите беа пошумувани во работнички акции за време на социјализмот, а придонесуваа за прочистување на воздухот во градот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира