БИТОЛЧАНИ МАСОВНО УЧАТ ГЕРМАНСКИ И СО БУГАРСКИ ПАСОШИ ФАЌАAТ ПАТ ЗА ЗАПАД

    БИТОЛЧАНИ МАСОВНО УЧАТ ГЕРМАНСКИ И СО БУГАРСКИ ПАСОШИ ФАЌАAТ ПАТ ЗА ЗАПАДИмпровизиран скенер за метал како оној на аеродромите, редица куфери и симболична авионска карта потпрена на споменикот на Филип Втори постави лани академскиот сликар Никола Славевски во центарот на Битола, како политички ангажирана инсталација во јавниот простор која укажа иселувањето од градот (Фото: СДК.МК)

    Сите патишта од Битола во последно време водат за Германија, најчестата дестинација битолчани каде се иселуваат или заминуваат на привремена работа. Освен што е Мека за докторите и медицинските сестри, битолчани заминуваат да работат и по пошти, ресторани, хотели, како монтери за вентилација, централно греење, гипсери и друго. На големо расте интересот за изучување на германски јазик преку интензивни курсеви.

    „Во последно време трендот на иселување на младите и на другата популација е голем. Луѓето аплицираат на најразлични места и првата понуда што ќе ја добијат за да се иселат или да најдат работа во Гемранија, Австрија или Швајцарија ја искористуваат и одат. Кога ќе се случи тоа доаѓаат буквално со рок, велат сега е ноември, во февруари се иселуваме за Германија и дотогаш да научиме нешто повеќе од јазикот“, вели д-р Николче Шулевски, сопственик на приватно училиште за германски јазик од Битола.

    Искуствата покажуваат дека оние кои заминуваат без добро познавање на јазикот потешко наоѓаат добра работа, а оние кои го познаваат јазикот побрзо се интегрираат во средината. Ако се семејства со деца кои се слаби со јазикот, ги враќаат неколку одделенија наназад и одат на подготвителна настава. За што побрзо да го совладаат јазикот, нашите иселници во Германија го учат германскиот преку онлајн курсеви на битолски училишта.

    „Тоа им е многу поповолно зашто ги изучуваат почетните степени со говорител на нивниот мајчин јазик со цел да ги совладаат основите на германскиот јазик што поквалитетно. Имаме такви слушатели голем број“, вели Шулевски.

    Туристичките работници потврдуваат дека трендот на иселување не запира, а ако некогаш битолчани најмногу заминуваа на печалба во прекуокеанските земји, сега најчесто работа бараат во Словенија, Германија, Скандинавија и Велика Британија.

    „Тоа се луѓе кои имаат бугарски пасоши, тој тренд сè уште трае, а јавна тајна е дека огромен дел од битолчани веќе зедоа или се во фаза на чекање на таа патна исправа која им отвора врати со легални документи да престојуваат и работат во тие земји. Скоро не постои некој кој размислува да се врати назад“, вели Горан Пинза, туроператор.

    Интернетот е преполн со огласи на кои се бараат работници за Франкфурт, Штудгарт, Диселдорф… Саатницата што се нуди е од девет до 12 евра. Заработуваат околу 1.500 евра месечно, некои работодавачи обезбедуваат сместување, а некои не. Има многу примери на битолчани кои заминале таму, па потоа го повлекле и семејството. Но, има и негативни примери. Така, на група осум студенти битолчани, кои работеле неколку месеци низ пошти во Бинген, Алцеј и Шпеја во Германија работодавачот сѐ уште не им ги исплатил парите.

    „Откако изминаа месец и пол како бевме таму, а сѐ уште немавме добиено плата, дојде и период да рециклираме шишиња со цел да платиме за пазарувањето во маркетот. Се јавуваме секаде каде што мислевме дека би имале слух, се заканувавме дека нема да продолжиме да работиме сѐ додека не добиеме плата, па работодавецот ни исплати смешни суми за да можеме да опстанеме таму додека, како што велеше, не се средат грешките во системот кои ги направиле, па ќе добиеме сè до последен цент. Истите тие наводни грешки во системот, сè уште не се исправени“, реагираат битолчаните.

    Ги советуваат сите студенти кои сакаат да работат надвор од земјата добро да се информираат, да не дозволуваат да бидат манипулирани, да бидат пријавени по сите закони.

    Нема точна бројка колку битолчани работат во земји од ЕУ, но сè почесто се коментира дека градот доживува егзодус.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира