БИТОЛЧАНИ НЕЈЌАТ КАРАНТИН НА ШИРОК СОКАК, СЕ ПЛАШАТ ДЕКА КОРОНАВИРУСОТ ЌЕ ГИ ФАТИ ПРЕКУ ОТВОРЕНИ ПРОЗОРЦИ

    БИТОЛЧАНИ НЕЈЌАТ КАРАНТИН НА ШИРОК СОКАК, СЕ ПЛАШАТ ДЕКА КОРОНАВИРУСОТ ЌЕ ГИ ФАТИ ПРЕКУ ОТВОРЕНИ ПРОЗОРЦИВо државен карантин во хотел на Широк Сокак вчера беа пренесени 45 македонски државјани од Малта, заради заштита од ширење на коронавирусот. (Фото: Фејсбук)

    Сместувањето на 45 македонски државјани од Малта во државен карантин во хотел на Широк Сокак во строгиот центар на Битола заради заштита од ширење на корнавирусот, вчера предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Битолчани, меѓу другото, реагираа и дека лицата во карантин кои се во изолација поради превенција ќе ги загрозат животите на вработените во хотелот и дека коронавирусот ќе се шири преку отворени прозорци, како и дека сега Битола ќе стане ново жариште во државата, а досега немаше ни еден заразен. Паниката наводно ја предизвикал фејсбук статус на претседателот на локалната Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

    Општина Битола, поради овие реакции, со соопштение истакна дека станува збор за сограѓани кои се во контролирана изолација и нема да претставуваат опасност за градот.

    „Нашите сограѓани се во контролирана изолација, со полициски надзор, а претходно прегледани од доктори. Изолацијата која досега беше во сопствените домови, како мерка е подобрена со изолација контролирана на ваков начин, бидејќи се под 24 часовен надзор, што не остава можност за непочитување на изолацијата. Никој од нив не претставува опасност за градот, затоа што тие постојано ќе бидат надгледувани. Сите имаме право да бидеме уплашени, но не да ги напаѓаме оние кои можеби се и недолжни, затоа што сакаат да се вратат дома“, се вели соопштението на Општината.

    Изминатава недела слична реакција имаше и во Прилеп, каде граѓани ги пријавиле во МВР соседите, кои биле во доброволен домашен карантин оти се вратиле од странство, затоа што отвориле прозорци од својот стан.

    Вчера, со првите чартер летови организирани од Владата во земјава се вратија македонски државјани од Малта и Хрватска. Со летот од Валета, Малта во земјава се вратија 118 македонски државјани, а со летот од Загреб, Хрватска 169 граѓани.

    Владата на 21 март објави јавен повик за сите хотели во државава кои имаат повеќе од 50 легла и кои доброволно сакаат да ги отстапат своите капацитети за формирање државни карантини. Максималниот надомест кој државата може да го обезбеди за хотелите изнесува до 10 евра по легло, од ден. Хотелите кои ќе ги стават своите капацитети на располагање треба да обезбедат три оброци дневно за секој граѓанин којшто ќе користи легло, како и одржување на хигиената во хотелот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира