БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА „ПЛОДНОСТ“ ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕНА 14 ДЕНА ПОРАДИ КОРОНАВИРУС, УТРЕ ЌЕ СЕ ИСПУШТАТ И ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ РОДИЛКИ СО БЕБИЊА

    БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА „ПЛОДНОСТ“ ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕНА 14 ДЕНА ПОРАДИ КОРОНАВИРУС, УТРЕ ЌЕ СЕ ИСПУШТАТ И ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ РОДИЛКИ СО БЕБИЊАПриватната гинеколошко-акушерска болница „Плодност“ е затворена уште во петокот откако стигнал позитивниот резултат за коронавирус на докторот, вели сопственикот д-р Таше Трпчевски, кој е и татко на заболениот лекар. (Фото: СДК.МК)

    Приватната гинеколошко-акушерска болница „Плодност“ во Битола, каде работи докторот заболен од коронавирус Христијан Трпчевски, ќе биде затворена во следните 14 дена, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

    „Во однос на приватната болница во Битола, таа ќе биде затворена според комуникацијата со нив во следните 14 дена. Сите ќе бидат пратени на домашна самоизолација, па потоа ќе се прави нова евалуација“, рече Филипче.

    Сопственикот на болницата д-р Таше Трпчевски, кој е и татко на заболениот лекар, во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека болницата ја затвориле уште во петокот откако стигнал позитивниот резултат за докторот, односно неговиот син. Тој вели дека објектот е затворен по нивна лична одлука. Иако имале уште еден тим кој можел да работи, сепак одлучиле заради поголема безбедност да го прекинат процесот на работа и да ја затворат болницата.

    „Во ‘Плодност’ на одделение има уште две родилки со бебиња, кои утре ќе бидат испишани и се во одлична здравствена состојба. Други пациенти нема, ниту пак некој е однесен во друга болница“, рече Трпчевски.

    По вчерашната вест дека едно лице е заболено од Ковид-19 во Битола, на својот фејсбук профил се огласи заболениот лекар специјалист по гинекологија и акушерство Христијан Трпчевски, кој напиша дека не патувал во странство и дека одел само на работа, па можно е да заболел и од пациентка. Тестовите ги направил на свое иницирање иако имал само благи симптоми. Првиот тест бил негативен, а потоа самоиницијативно отишол во Клиниката Жан Митрев и се тестирал уште еднаш, по што добил позитивен резултат. Тој апелираше луѓето да се тестираат ако почувствуваат симптоми, зашто во спротивно и неговата болест ќе поминела како грип, но одговорноста кон заедницата го натерала да инсистира на тестирање.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира