БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ПО 25 ГОДИНИ ДОБИ ПЕДИЈАТАРСКИ УЛТРАЗВУЧЕН АПАРАТ, ШТО ГО ДОНИРАШЕ ЈАПОНИЈА

    БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ПО 25 ГОДИНИ ДОБИ ПЕДИЈАТАРСКИ УЛТРАЗВУЧЕН АПАРАТ, ШТО ГО ДОНИРАШЕ ЈАПОНИЈАНа предавањето на апаратот присуствуваше и јапонскиот амбасадор Хиронори Савада (Фото: СДК.МК)

    „Овој апарат за нас е спејс шатл“, му рекоа докторките од Педијатриското одделение во Битолската болница на јапонскиот амбасадор Хиронори Савада, кој присуствуваше на предавањето на ултразвучен апарат вреден над 52 000 евра, донација од Јапонската амбасада. Вработените кажаа дека лекарскиот тим на одделението е млад и се состои од три лекарки, а апаратот ќе им овозможи да се подобрат услугите за најмладите пациенти и условите за работа на медицинскиот кадар.

    „Ова е прв ваков апарат на Педијатриското одделение во последните 25 години. Во изминатите години бевме соочени со проблеми со дијагностиката и третманот на децата. Бевме принудени да ги испраќаме во клиники во Скопје, кои исто така беа преоптоварени. Поради тоа, пациентите долго чекаа за преглед и дијагностика, со што се одолговлекуваше и лекувањето. Со оглед дека нашата болница е регионален педијатриски центар, со набавката на овој современ апарат се решава овој проблем“, рече д-р Александар Обедниковски, директорот на Клиничката болница во Битола.

    Амбасадорот Савада истакна дека Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од над три милиони евра. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опреми јавните здравствени установи со медицинска опрема од 813.000 евра и даде итна помош за ковид-19. Преку проектите од програмата за мали грантови, Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за 64 здравствени установи во земјава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира