Со четиридневна богата програма подготвена од професорите и учениците, Гимназијата „Јосип Брзо -Тито“ од Битола, од 3 до 6 февруари ќе одбележува јубилејни 80 години од првиот наставен час одржан на современ македонски јазик во средно образование во државата.
„На 6 февруари 1945 во просториите на Гимназијата за првпат одекна македонскиот збор во образовниот процес, чин кој значел повеќе од настава. Тогашниот директор Орде Печијаре, кој бил наставник по физика, со еден свечен чин кој бил проследен и со солзи, ја официјализирал наставата на современ македонски јазик со стиховите на Константин Миладинов ‘Голапче’, ‘Т’га за југ’ и ‘Бисера’ ‘’, рече директорката Лидија Споа.
Свечената програма започнува на 3 февруари со изложбата „Создавам значи постојам“ во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола каде учениците ќе се претстават со илустрации од дела на македонската преродбеничка литература, а ќе бидат доделени и награди за литературниот конкурс на оваа тема на кој пристигнаа над сто авторски ракописи. Носители на активностите се професорите: Александар Поповски, Димче Солаковски, Биљана Т. Димко и Сара Груевска.
Како дел од одбележувањето ќе се отворат и изложбите на ученичките Андреа Ресановиќ и Дамијана Ристевска. Изложбата „Историски осврт на автори и уметници кои предавале или биле ученици во Гимназијата во текот на 20. век“ ќе биде отворена на 4 февруари во Магазата, а организатори се професорите Алескандар Поповски и Димче Солаковски.
На 5 февруари во Центарот за култура ќе има проекција на два филма изработени од учениците „Неговиот глас“ и „Прекршени времиња“ под менторство на професорите Никола Трајковски и Софија Бејковска. Во филмот „Неговиот глас“ за средношколските денови минати во Гимназијата раскажуваат и академиците Живко Попов и Владо Камбовски, градоначалникот Тони Коњановски, актерот Иван Јерчиќ, Милица Роџевска поранешен педагог во училиуштето и други.
Јубилејната програма на 6 февруари во 19 часот во Центарот за култура се заокружува со Свечената академија „Експериментум Македоникум“, на која како ментори се јавуваат професорките Даниела Петровска, која е и помошник директор и Симона Петровска.
„Ова е симболичен наслов преку кој сакаме да покажеме дијахрониски и синхрониски дека нашата литературна историја е дел од светската зашто токму преку поезијата, нашиот литературен и национален идентитет најбрзо влезе во идентитетот на народите од светот“, рече професорката Даниела Петровска.
Ж. ЗДРАВКОВСКА