Битолската граѓанска иницијатива Поинаку за неколку часа ги собра потребните потписи за со независна листа да учествува на локалните избори на 17 октомври. Носителка на листата е Габриела Илиевска, која на изборите пред 4 години заедно со уште еден колега од Поинаку успеа да добие 3.000 гласови и да станат советници во општинскиот Совет на Битола. Тоа беше првпат во Советот на една општина со над 40.000 жители да влезат двајца независни советници, и беше најголемото изненадување во градот.
„Искуството покажува дека едно од подобрите работи кои се случиле во Битола е постоењето на независни советници во Совет на Општина Битола. Работата на нас како такви е исклучително одговорна, но и исполнителна. Нашата досегашна работа покажа дека иако не сме фактор на одлучување во Советот, под наш притисок голем дел на проблеми се решиле во градот“, вели Илиевска и додава: „Многу ни е мило што после четири години гледаме будење скоро во сите градови низ државата. Секако дека имаме соработка и сметам дека тоа е чекор кон поголема демократија и конечно слушање на гласот на граѓаните, а не на партиите“.
На Поинаку фокус овојпат им се секојдневните проблеми и потреби на битолчани.
„Тоа значи решавање на истите на поинаков начин, односно без прикажување на тие решенија како некои достигнувања туку како континурана работа на локалната самоуправа и јавните претпријатија, која е обврска на истите и за која граѓаните плаќаат сметки и даноци. За тоа тврдам дека имаме и буџет и начин, само треба волја“, вели Илиевска.
Таа вели дека овојпат им е полесно поднесувањето независна листа, бидејќи веќе еднаш го поминале тој пат.
„Патот до независна листа е дупло потежок од партискиот. Пречките се големи, почнувајќи од тоа дека скоро два месеца пред партиите треба да се направат листите, јавно да се кажат кандидатите и да се соберат потписи. А најтешко е што во сета таа постапка, на пример, потребните документи излегуваат тековно и доцна“, вели Илиевска.
Откако вчера ги собра потписите за избори, Поинаку денеска на својот фејсбук профил објави фотографија на која кандидатите седат на градежни темели на објект во градба, со ироничен коментар „денес си зедовме за право малку да ‘олабајме’ во новиот базен во Битола“. Во февруари 2019, Општина Битола најави дека затворен базен ќе почне да се гради во дворот на ОУ „Даме Груев“, со средства на Владата и Агенцијата за млади и спорт, но до денес не е изграден. Илиевска вели дека иронијата е затоа што Битола во изминатите 30 години пред секои избори добивала ветување од партиите дека ќе се изгради затворен базен.
„На сликата е базен каде има веќе некакви градежни активности за затворен базен, но тој е сепак базен во двор на училиште. Истиот беше ветен дека некаде 2019 ќе биде изграден. Откако ги собравме потписите во рекордни неколку часа, ветувањето го покажавме јавно со сликање на местото за да ја потсетиме власта, но и битолчани дека уште немаме базен“, вели Илиевска.