Јавното претпријатие „Комуналец“ по решение и налог на Комуналната инспекција ги отстрани жолтите кеси за отпадоци и држачите за нив што низ градот ги имаше поставено граѓанската иницијатива Поинаку. Директорот Панде Богоевски рече дека тие ја известиле инспекцијата за „диво поставени несоодветни опреми за подигање отпад од најлонски кеси“, по што на први август инспекцијата им наложила во рок од седум дена да ги отстранат.
Во решението на Комуналната инспекција пишува дека „собирање смет надвор од одбележаните места е спротивно на член 14 став 1 алинеа 16 од Законот за јавна чистота, како и спротивно на Одлуката за одржување на јавна чистота на јавните површини во Битола“.
„Со ова се нарушува амбиенталноста на просторот. На фотографиите јасно се гледа дека тие кеси беа поставени во непосредна близина на нашите корпи за отпадоци, буквално на оддалеченост од еден метар, па народот нека размисли од која природа е мотивот за нивно поставување. На една од фотографиите се гледа дека тие кеси завршуваат на дива депонија, во случајот на местото викано Тепсија. Ова е пример за упад во организиран, интегриран систем за управување со отпад“, рече Богоевски.
Од Поинаку најавија дека ќе испратат нивна реакција за остранувањето на кесите кои за првпат ги поставија пред повеќе од еден месец. На социјалните мрежи деновиве реагираа што жолтите кеси со нивното лого и држачите се отстранети, па најавија дека ќе продолжат да ги поставуваат и менуваат.
Во претходни изјави, од Поинаку имаа кажано дека се одлучиле на ваков чекор зашто имале реакции од граѓаните дека низ градот нема доволно корпи за отпадоци. Директорот на ЈП „Комуналец“, пак, денес кажа дека во тек е јавна набавка на урбана опрема, по што ќе се изврши замена на постоечките корпи со нови. Но, истакна дека во првото полугодие од годинава „Комуналец“ поставил нови 70 корпи.
Ж. ЗДРАВКОВСКА