БИТОЛСКИ „КОМУНАЛЕЦ“ НЕ ГО ПРИМА МИЛИОНОТ ЕВРА ЗА НОВИ КАМИОНИ ЗА ЃУБРЕ ИЗГЛАСАН ОД СОВЕТОТ,  ЌЕ ЧЕКА ДА ДОБИЕ ОД РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА КОЈА ДОПРВА ЌЕ СЕ ГРАДИ

    БИТОЛСКИ „КОМУНАЛЕЦ“ НЕ ГО ПРИМА МИЛИОНОТ ЕВРА ЗА НОВИ КАМИОНИ ЗА ЃУБРЕ ИЗГЛАСАН ОД СОВЕТОТ,  ЌЕ ЧЕКА ДА ДОБИЕ ОД РЕГИОНАЛНАТА ДЕПОНИЈА КОЈА ДОПРВА ЌЕ СЕ ГРАДИКамионите за смет се стари, течат и оставаат исцедок на улиците по подигање на ѓубрето. (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Битола изгласа да му се доделат 60 милиони денари (скоро милион евра) на Јавното претпријатие (ЈП) „Комуналец“ кое го собира отпадот со застарени камиони, за да набават 10 нови и по улиците да не останува исцедок по подигање на сметот. Заклучокот беше донесен по предлог на Иван Чулакоски, советник од Поинаку, а „за“ гласаа сите освен советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои беа воздржани.

    Од „Комуналец“, каде исто така директор е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, денеска, скоро две недели по одржаната седница, соопштија дека во овој момент не им се потребни 60 милиони денари за возила зашто сметаат дека многу побрзо ќе стигнат камиони кои треба да им се достават преку Министерството за животна средина и проектот за регионална депонија, кој допрва треба да се гради во Пелагонија.

    Советниот Чулакоски од Поинаку подолг период од советничката говорница и на социјалните мрежи критрикува дека градот смрди зашто течат камионите за ѓубре.

    „Течењето на камионите е неподносливо и далеку од умот за еден град во 21 век како Битола, во кој се промовира култура и туризам. Останувам на тезата дека треба да набавиме камиони, па ако дојдат нови нека имаме екстра, нешто ќе продадеме, а има и нови селски населби за одржување. Да сме живи и здрави, дури не видам дека ќе дојдат нови камиони, не верувам“, рече Чулакоски.

    Координаторот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Бојкоски рече дека од Министерството за животна средина во тек е постапка за набавка на нови камиони.

    „Јавната набавка е во тек. Временскиот рок за набавка не го знам, но и да ги доделиме овие финансиски средства 60 милиони денари, процедурата за набавка и испорака на камиони ќе стигне да имаме камиони кога нема да ни бидат потребни зашто ионака ќе ги имаме оние што се донација од државата. Па, тие 60 милиони денари кои ги предлагате ќе бидат залудно трошење на општинските средства. Не можеме да ги продадеме потоа, зашто такви камиони ќе добијат и другите региони. Е сега, не е во ред да ги купиме и чуваме. Освен ако не сакате вие да возите некој од нив“, му рече Бојкоски на Чулакоски.

    Во иста насока е и соопштението на „Комуналец“ во кое се вели дека заклучокот на Советот за одделувањето средства во овој период не е потребно да биде реализиран, затоа што возилата многу побрзо ќе се набават во веќе започнатата постапка и со обезбедените средства од Министерството, а од друга страна ќе нема дополнително оптоварување на општинскиот буџет и непотребна резервација на средства кои може да се искористат за други инфраструктурни проекти, нови паркови и зеленила.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира