БИТОЛСКИ „ВОДОВОД“ БАРА ПОКАЧУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ

    БИТОЛСКИ „ВОДОВОД“ БАРА ПОКАЧУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕПоради  дефект во битолски „Водовод“ на 1 декември беа отворени хидрантите за да се испразни системот од вода заради санација. (Фото: СДК.МК)

    Јавното претпријатие „Водовод“ од Битола бара Советот да донесе одлука за поскапување на водата за пиење за 6,9 денари за домаќинствата и 5,2 денари за претпријатијата за 2024 година. Според тоа, домаќинствата наместо 31,78 денари за кубик вода ќе плаќаат 38,71 денар, а фирмите од 52,80 на 58,07 денари. Покачувањето на цената во 2025 и 2026 година би било помало и би се движело од 0,9 дени до еден денар за метар кубен вода. Тоа во просек е околу 20 проценти покачување на цената на водата за пиење за битолчани.

    Претставниците од „Водовод“ на одржаната Комисија за финансии и буџет при Советот на Општина Битола соопштија дека тие уште во мај месец побарале од Регулаторната комисија да има покачување врз основа на покачените цени на сировата вода што ја црпат од Стрежевското Езеро, електричната енергија, нафта, репроматеријали, инфлација и покачувањето на платите.

    „Доколку не се зголеми цената, тоа секако дека ќе има негативни финансиски резултати и во прашање би дошла ликвидноста на фирмата, а за жал може да биде и во прашање водоснабдувањето на градот“, рече претставникот на „Водовод“ на Комисијата за финансии и буџет.

    Директорот на претпријатието Пеце Милевски изјави дека завршната сметка годинава ќе им биде пак негативна, но со помали загуби од лани.

    Комисијата гласаше со два гласа „за“ и 3 „воздржани“, но конечна одлука треба да даде Советот на утрешната седница.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира