На денешната седница на Советот во Битола не помина предлогот на советникот од Левица Горан Велевски на дневен ред да се постави точка за поништување на одлуката за меѓуопштинска соработка меѓу 18 Oпштини за формирање јавно претпријатие за регионално управување со отпадот, донесена на 50 седница од 28 февруари 2025. „За“ ваквиот предлог гласаа само пет советници од Левица и Поинаку, ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата беа „против“, а СДСМ и коалиционите партнери „воздржани“.
„Барам да се поништи точката, додека граѓаните не добијат во целост проект за системот за управување со регионален опад каде од приоритет е и трасата за минување на камионите или наводно новиот сообраќаен круг кој дели некоја делница околу Битола. Тоа се повеќе од 60 камиони, според мене шлепери за изнесување ѓубре со прикачени проколки, кои треба да имаат посебен пат каде нема да прават метеж. За мене е смешно дека ваква траса ќе се направи, немаме ништо против, но ова се празни флоскули. Проектот нити го чуле, нити го виделе битолчани, а ни советниците“, рече Велевски.
Од говорницата му реплицираше координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Бојкоски, кој рече дека Левица во предизборната програма се залагала за изградба на региионални депонии, а сега е против.
„Да се презентира на дело лицемерието на Левица, што ветуваа за време на изборите, а што побаруваат сега. Ги манипулират граѓаните и советниците“, изјави Бојкоски, пуштајќи спот од говорница во кој рече дека е носителката на изборната едница број 5 , Јована Мојсовска, а во снимката таа вели: „Дел од заложбите за кои се бориме се во делот на животната средина за заштита на почвата од загасување, изградба на модерни регионални депонии по највисоки можни стандарди’“.
Велевски одговори дека тие не кажале оти не треба регионален систем за управување со отпад, туку побарале да се повлече точката од дневен ред додека граѓаните не го видат проектот. Тој го повика Бојкоски: „Вие како владеачка страуктура зошто на денешниот протест не излезете пред граѓаните и не го покажете проектот?“
На регионалниот систем за управување со отпад кој е предвидено да се гради во Општина Новаци, денес во своето обраќање се осврна и градоначалникот Тони Коњановси, велејќи дека мора смирено и одговорно да се разговара за иднината, да се постават работите на здрави нозе без политика, дополнителни пресии и надмудрувања.
За денеска во 15 часот пред Општина Битола е закажан петтиот протест против изградба на регионала депонија за смет од 18 општини во соседната Општина Новаци.
Ж. ЗДРАВКОВСКА