Храбра и моќна претстава која руши табуа и без страв ги критикува аномалиите на нашето општество: непотизмот, корупцијата, партиските вработувања, недостатокот на доктори, промената на идентитет за бугарски пасош е „Далеку, а сосема тука“ на битолските гимназијалци од СОУ „Јосип Броз –Тито“, која вчера премиерно се изведе на Летната сцена во Тумбе кафе.
Ментор на театарскиот проект беше професорката по класични јазици Софија Бејковска. Во претставата беа вклучени над триесет средношколци. Нивна беше изведбата на улогите, режијата, костимографијата, сценарио, кореографија и други елементи. Претставата ја режираше матурантката Бисера Стефановска.
Битолската публика одамна нема погледнато толку храбра претстава која меѓудргото отворено говори и за проблемите што ги тераат младите да си заминат. Највпечатлив беше делот кога некои од средношколците на сцена се претставија како политичари ветувајќи дека мед и млеко ќе тече, а младите изгледувајќи од разлчни делови од публиката ги растргнаа со прашања.
„ А претходните ветувања? На чиј грб се покачуваат платите на политичарите? Не е ли себично, во името на нашите претци да не залажувате да останеме во оваа земја? Денес се правите слепи при очи, кои се вашите примери за посветла иднина- болницата која е пред затворање и нема соодветен кадар да ги лечи нашите деца? Нѐ убедувате дека треба да останеме да живееме овде, а треба да сведочиме како нестручно нѐ оперирате, сечете и шиете“, рекоа младите.
„Кој ќе нѐ заштити, правосудниот ситем кој нѐизневери сите нас? Подмитените чувари на правдата? Вашето коруптивно однесување и сласт за пари ги контаминираше сите општествени морални вредности. Луѓето се хранат по контејнери, просат, а вие отмено облечени беседите за иднината, финасии, реформи, тендери, добивки…Треба да си уморен самостојно работејќи три смени за да порехраниш две малолетни деца. Дајте им внимание и можност на нашите кадри да успеат во нашата држава“, рекоа гимназијалците.
На крај порачаа дека сето ова ќе го победат со љубов зашто „вашето време заврши“.
Интересот за претставата е голем, па таа ќе има свои изведби и на 1 и на 2 јуни.
Ж. ЗДРАВКОВСКА