Грејната сезона започна пред еден месец, но битолските културни институции – Центарот за култура, Народниот театар и Камерниот оркестар – кои функционираат во заеднички објект сè уште немаат добиено средства за греење од Министерството за култура. Со години, средствата им се префрлуваа на посебни сметки, исклучиво за таа намена, но годинава нивната исплата доцни. Поради тоа, директорите се принудени сами да бараат начини за затоплување на просториите и одржување на културната програма во градот, токму во периодот на фестивалите.
Во Народниот театар, од 14 до 22 ноември, ќе се одржи 12. издание на фестивалот „Битола Шекспир“, а во Центарот за култура од 23 до 30 ноември е закажан 18. Фестивал на музика од светот.
Директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, на денешната прес-конференција потврди дека Битолскиот театар, како и другите театри надвор од Скопје, сè уште нема добиено средства за греење.
„Факт е дека немаме средства за греење, но факт е и дека успеавме да обезбедиме поголема количина нафта и дека ‘Шекспир фестивалот’ ќе се одржи. Некои од претставите намерно ги префрливме на Новата сцена, бидејќи таму се грееме на струја. Најавено е дека во декември ќе има разрешница и ќе добиеме средства, па се очекува работите да продолжат нормално“, рече Мавровски.
Ова не е случај со театрите во Скопје, кои се поврзани на топлификацискиот систем. Но, најголем дел од културните установи надвор од главниот град немаат финансиска можност самостојно да ги покријат трошоците за греење.
„Од осамостојувањето досега, средствата за греење ги добиваме од Министерството за култура. Не можеме да набавиме гориво од сопствени средства, бидејќи имаме ограничување за набавки до 60.000 денари без тендер. За да распишеме тендер, мора да ги имаме средствата на сметката, а ние немаме два милиона денари“, додаде Мавровски.
Директорот на Центарот за култура во Битола, Сашо Илковски, потврди дека средствата за греење сè уште не се пристигнати, но истакна дека институцијата, сепак, обезбедува греење за тековните и претстојните настани. Според него, и минатата година средствата за греење пристигнале на 4 декември, па, врз основа на досегашното искуство и добиените најави, очекува проблемот да се реши во следните две до три недели.
На денешната прес-конференција на Народниот театар Битола беше најавена и првата премиера за театарската сезона 2026/2027. Станува збор за претставата „Татко“, според текст на Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски. Премиерата е закажана за 10 ноември на Новата сцена во Народниот театар Битола, а во претставата играат актерите Петар Горко, Катерина Аневска-Дранговска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски и Соња Михајлова.
На прес-конференцијата беше претставен и претстојниот „Битола Шекспир фестивал“, кој ќе биде отворен со претставата „Кориолан“ од Шекспир, во изведба на домашниот ансамбл, а во режија на Џон Блондел. На фестивалот ќе гостуваат и театри од Италија, Грузија, Ерменија, Романија и Малта, кои ќе се претстават со свои продукции.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



