Пазарџиите и земјоделците со клетви им се нафрлија на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Поинаку за време на седницата на Советот во Битола, откако гласаа воздржано по предложената точка од Левица пазарџиите да се вратат да продаваат на паркингтот зад новиот пазар.
„Бараме да ни обезбедат простор на паркингот зад новиот пазар како што беше и претходно. Условите во внатрешноста на пазарот се повеќе од катастрофални. Со одлуката на Советот да се повлечеме од паркингот сме доведени во ситуација да ги фрлиме во отпад нашите производи од летната и есенската реколта“, велат пазарџиите.
Пред три месеци, Советот донесе одлука пазарџиите кои со камиони доаѓаа на паркингот и продаваа земјоделски производи да се преместат во внатрешноста на пазарот, каде што ќе им се овозможат подобри услови за работа. Советникот Горан Велевски од Левица вели дека ништо од ветеното не е исполнето.
„Она што градоначалникот и директорката Карапашовска им го ветуваа на земјоделците не е ништо направено. Нема проект за промена на покривот, нема канти за отпадоци, нема колички за дотур на роба, тезгите не се еднакво распоредени, нема хигиена, тоалетите се држат под клуч, а и цревото за миење не е во функција“, рече тој и побара да им се дозволи времено да останат на паркингот, а за зимата да се најде заедничко решение.
Бојан Бојкоски, кооринатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека гласале воздржано само од една причина – хигиената. Тој прашува ако не се добри условите во пазарот, какви се на паркингот?
„Ни беше сугерирано од граѓаните дека таму се создава смет, физиолошки потреби вршеа зад камионите. Внатре во пазарот има слободни тезги, дел од земјоделците што беа на паркингот веќе имаат закупено тезги. Камионџите доаѓаа три месеци, продаваа, а по нив остануваше ѓубре“, вели Бојкоски.
Од Општина велат дека во пазарот веќе се преземени сите мерки за подобрување на условите. Реорганизација на тезгите е завршена, хигиената во тоалетите е подобрена, набавени се и колички за дотур на стока.
Во петокот тоалетите во пазарот не работеле оти пукнала цевка која деновиве ќе се санира. Во моментов, во јавното претпријатие „Пазари“ во тек е директорска смена. Досегашната директорка Соња Карапашовска даде оставка, а нејзино место е назначен Никола Гацовски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА