Посмртните останки на Јанаки Манаки (1878-1954), кој заедно со брат му Милтон беа први сниматели на Балканот, да се донесат во Битола, е долгогодишна желба на Комуната на Власите и битолскиот кино клуб „Студио Милтон Манаки“. Годинава се навршуваат 68 години од смртта на фотографот и филмски снимател Јанаки, кој според записите на истражувачите на неговото дело починал или на 19 март или мај 1954 гво Солин каде е и погребан.
„Одамна постои оваа идеја, а целта наша е двајцата браќа да бидат во едно почивалиште. Јанаки починал во Солун и таму е погребан на православните гробишта во ист гроб со сопругата и синот кој умрел на 23 години. Милтон, пак, е погребан на Влашките гробишта во Битола, заедно со сопругата. Двајцата се прогласени за културни дејци и добро би било еден ден посмртните останки да бидат во заедничко почивалиште. За иницијативата е разговарано и со грчкиот конзул во Битола, сега приликите се поинакви од порано и можно е да се разговара за иницијативата“, вели Стефан Хаџиантоновски, претседател на кино клубот.
На вчерашното одбележување на 58-годишнината од смртта на Милтон Манаки на Влашките гробишта во Битола, градоначалникот Тони Коњановски рече дека ќе се обиде да воспостави комуникација со локалните власти од Солун за иницијативата.
„Разговаравме за иницијативата, да се донесат посмртните останки на братот на Милтон Манаки, Јанаки Манаки, кој е упокоен во Солун. И дојдовме до заедничка идеја, во соработка со Република Грција, со градоначалникот на Солун, при идна средба, да се иницира таква идеја и доколку е можно, да се реализира. Ќе се обидеме тоа да го направиме“, рече градоначалникот Коњановски.
Според книгата на Игор Старделов „Естетските аспекти на филмското творешетво“, браќата Манаки родени во Авдела, Грција, во Битола се преселиле во 1904 и на Широк сокак отвориле фотографско ателје. Периодот од нивната преселба во Битола до почетокот на Првата светска војна бил мошне плоден. Зад себе оставиле вреден фото и видеоматеријал. Денес од опусот на Милтон и Јанаки Манаки се зачувани 7.600 стаклени плочи негативи и околу 11.000 фотографии.
Во оваа книга, каде како извор се пренесува пишувањето на Костас Стамату, Јанаки заминал од Битола за Солун во 1939 година, кога син му имал 12-13 години и кога почнал да учи средно училиште. Но, во 1947 година Јанаки го снашла несреќа, му починал синот Димитар на 23- годишна возраст од туберкулоза. Димитар зборувал шест јазици. Седум години по смртта на Димитар, умрел татко му Јанаки. Според едни, на 19 мај 1954, а според други на истиот датум само во март. Во официјалниот документ за смртта пишува „излив на крв во мозокот“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА