БОГДАНОВИЌ НАМЕСТО ШИЛЕГОВ ЌЕ ДАВА ДОЗВОЛИ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ЛЕТНИ ТЕРАСИ ВО ЦЕНТАР

    БОГДАНОВИЌ НАМЕСТО ШИЛЕГОВ ЌЕ ДАВА ДОЗВОЛИ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ЛЕТНИ ТЕРАСИ ВО ЦЕНТАРДосега одобренијата за летните тераси ги издаваше Град Скопје, а Општината потоа требаше да контролира, казнува и урива. (Фото: К. Попов)

    Општина Центар отсега ќе издава одобренија за поставување летни тераси пред кафулињата и кафеаните, наместо Град Скопје. Општината и Градот денес го потпиша договорот за преземање на овластувањата и обврските за издавање одобренија за поставување урбана опрема на територијата на Општина Центар.

    Досега одобренијата за летните тераси ги издаваше Град Скопје, а Општината потоа требаше да контролира, казнува и урива.

    „Во јуни 2009 година Општина Центар потпишала договор за отстапување на ингеренциите на Град Скопје да врши овластување и издавање дозволи за поставување урбана опрема во Дебар Маало, Парк и Мал Ринг. По одржаните состаноци со Град Скопје, заеднички одлучивме ингеренциите да се вратат на Општина Центар, бидејќи за истите општината врши контрола и инспекциски надзор“, изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Општина Центар има подготвено сопствена програма и план за начинот на кој ќе биде поставена урбаната опрема.

    „Ова е голем успех за Општина Центар, бидејќи конечно ингеренции што претходно биле дадени или одземени, сега се враќаат под контрола на Општина Центар, а во наредниот период продолжуваме да работиме на програми и планови за преземање на урбаната опрема и на други локации, согласно останатите детални урбанистички планови во Општина Центар“, изјави Богдановиќ.

    Од Општината велат дека овластен градежен инспектор по службена должност направил увид во два објектa, каде што се утвдени неправилности во работењето, согласно Законот за градење. Секторот за инспекциски надзор издал Решение за отстранување за инвеститорот Кафе бар-Макка на булеварот Климент Охридски бб и за инвеститорот Ди Лума Груп Дооел-Скопје на улица Ленинова бр.38.  Ако  во наредниот период нелегалните градби не бидат отстранети, Општина Центар ќе пристапи кон присилно административно извршување.

    Во буџетот на Општина Центар за 2021 планирани се 12 милиони денари за рушење на бесправно изградени објекти во Центар.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира