БОЛНИТЕ СО УРЕДНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЌЕ ДОБИВААТ ПАСОШ ВОН ПРОЦЕДУРА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ТОШКОВСКИ

    БОЛНИТЕ СО УРЕДНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЌЕ ДОБИВААТ ПАСОШ ВОН ПРОЦЕДУРА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ТОШКОВСКИПоради метежот пред Одделението за граѓански работи, Општината ќе отстапи една просторија каде ќе се издаваат личните документи. (Фото: СДК.МК)

    Болните кои немаат соодветни патни исправи за да заминат на лекување, ќе ги добиваат со соодветна приложена документација и без чекање, најави техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во Велес, по реакциите на пациенти на кои им треба здравствана интервенција во странство, а немаат нови пасоши со името Северна Македонија.

    „За овие лица секогаш има пасоши. Тие може да стапат во контакт со било кој вработен од Министерството, било каде во земјава, овие лица со медицинска документација ќе добијат патни исправи во најбрз рок и надвор од било која процедура“, кажа Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.

    Тој даде и негово образложение за наплата на возачките и сообраќајни дозволи.

    „На седница на Влада беше одлучено важечките возачки и сообраќајни исправи да бидат заменети со новото име бесплатно. Јас кажав дека тоа не е правично решение. Оти огромен број граѓани ги заменија овие документи, а тие не беа истечени и ги доведуваме во нерамномерна положба. На седницата ми беше кажано дека дополнително тоа ќе се разгледува. Ќе беше добро да беа опфатени сите граѓани, сите да добиеја бесплатно, а не само овие што сега менуваат важечки возачки дозволи. Но јавноста треба да знае дека административната такса е останата, не се плаќа само образецот“, рече Тошковски.

    Примарна цел на неговата посета на Велес беше решавање на проблемот со метежот пред Одделението за граѓански работи, каде се аплицираат и издаваат личните документи.

    „Со голема веројатност изборот каде ќе се издаваат готовите документи ќе биде оваа просторија, каде пожарникарите имаа спортски активности. Изборот е поради човечки, технички ресурси, но и близината на просторијата каде се фотографираат граѓаните за нови документи“, кажа градоначалникот Марко Колев, кој ги отстапи овие општински простории за времено користење на МВР.

    Оваа просторија ќе биде отстапена на неколку месеци додека се заврши со оваа постапка на менување на документите. Министерот реагираше на сликата што ја затекна пред Одделението за граѓански работи во Велес.

    „Условите во постојната канцеларија се ужасни. Внатре има илјадници документи, оти нема каде да се стават, чуваат, страшна е сликата“, рече Тошковски.

    Колев и Тошковски не прецизираа за колку дена оваа просторија ќе биде приспособена за новата намена.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира