БРАНАТА ПАЉУРЦИ ПАК СЕ ПОЛНИ, ПУШТЕНА ВОДА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД БОГДАНЦИ

    БРАНАТА ПАЉУРЦИ ПАК СЕ ПОЛНИ, ПУШТЕНА ВОДА ЗА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ОД БОГДАНЦИПо притисокот од јавноста, синоќа надлежните одлучиле повторно да се пренасочи вода од системот Ѓавато кон брана Паљурци со цел од една страна да се сочува биодиверзитетот на езерото, а од друга страна да има и да се пушти вода и кон земјоделците. - Браната Паљурци (Фото: СДК.МК)

    Браната Паљурци од синоќа почнала да се полни со вода од системот за Спас на Дојранското езеро кај Ѓавато, а од утрово пуштена е вода низ хидросистемот до земјоделските површини во Богданци. Дека денеска има вода во хидросистемот потврдуваат и земјоделците кои ги наводнуваат засеаните површини од страв да не изгори родот од високите температури.

    „Има вода, но до кога не се знае. Дефинитивно мора да се реши овој проблем оти вака работите нема да одат. На овие високи температури ако не се наводнува, ниту грозје ке има, ниту зеленчук“, вели Ѓорги Стојанов земјоделец од Стојаково.

    По притисокот од јавноста, синоќа надлежните одлучиле повторно да се пренасочи вода од системот Ѓавато кон брана Паљурци со цел од една страна да се сочува биодиверзитетот на езерото, а од друга страна да има и да се пушти вода и кон земјоделците. Паљурци се полни од 400 до 600 литри во секунда и нивото на водата во браната е три сантиметри над дозволениот минимум.

    Ова е втор пат за неполн месец како се интервенира на браната кај Богданци од системот за Спас на Дојранското езеро. Се говори дека една од причините за наглото празнење на браната се дивите приклучоци за наводнување како на хидросистемот Паљурци, така и на доводот од Ѓавато кон браната од страна на земјоделци и фирми. На социјалните мрежи жителите на Богданци јавно го повикуваат АД „Водостопанство“ да изврши надзор на хидросистемот и да открие кој нелегално се има приклучено на мрежата за наводнување. (В.Т.)

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира