БРЗАТА ПОМОШ ВО ПРИЛЕП Е СМЕСТЕНА ВО 100 ГОДИНИ СТАРА ХОРОР ЗГРАДА ШТО СЕ РАСПАЃА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА АЏИОСКА

    БРЗАТА ПОМОШ ВО ПРИЛЕП Е СМЕСТЕНА ВО 100 ГОДИНИ СТАРА ХОРОР ЗГРАДА ШТО СЕ РАСПАЃА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА АЏИОСКАПрилепската брза помош опслужува пациенти и од целиот Крушевски Регион, на растојание од 40 до 50 километри. (Фото: СДК.МК)

    Службата за итна медицинска помош е една од најангажираните во Здравствениот дом во Прилеп, која опслужува пациенти и во соседни општини на оддалеченост до 50 километри, а сместена е во 100 години стара хорор зграда што се распаѓа, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорката на Домот Оливера Аџиоска.

    „Здравствениот дом во Прилеп е еден од ретките во земјава чии служби се во простории раштркани низ градот. Наместо сѐ да биде собрано на едно место, нашата институција е расфрлана во четири објекти. Главната зграда е една, Брзата помош е во една хорор зграда што се распаѓа стара сто години, администрацијата е во зграда од Тутунски комбинат, а службите за трудова и школска медицина се сместени во Центарот за јавно здравје. Немаме можност со сопствени средства да ја реновираме Брзата помош зашто тоа е голема, стара и дотраена зграда. Брзата помош пред многу години била таму преместена и остана. Доколку може, бараме Министерството да ни излезе во пресрет“, вели Аџиоска.

    Брзата помош случајно пред многу години била преместена во оваа зграда и таму и остана. (Фото: СДК.МК)

    Услугите на Службата за итна медицинска помош од Прилеп ги користат дури и пациенти од цела Општина Крушево  до Саждево, на растојание од 40 до 50 километри.

    „Се случува итен повик за домашна посета. Според територијалната мапа од Министерството за здравство, Прилеп е задолжен за тој реон, што е голема грешка и нашата екипа оди во Житоше на растојание од 40 километри. Еден саат оди до таму, еден саат се враќа, па се случува Брзата помош да остане со една екипа за град од 100.000 жители“, вели Аџиоска.

    Здравствениот дом има доставено барање до ресорното министерство за опслужувањето пациенти од Крушевско да го преземат здравствените установи од Крушево. Имаат и барања за вработување лекари, зашто по систематизација предвидени се 15 доктори во три екипи дневно, а во моментов има заминати во пензија, во странство, отсуства по друг основ, па работат со една третина помалку, поточно со десет доктори.

    Службата за итна медицинска помош, и покрај лошите просторни услови и потребата од нов кадар, сепак, пожртвувано ги изведува работните задачи и пред неколку дена ја доби и општинската награда „3 ноември“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира