БУГАРСКИОТ КЛУБ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИД ОШТЕТЕН ОД ОГНЕНО ОРУЖЈЕ, МНР ГО ОСУДИ НАПАДОТ

    БУГАРСКИОТ КЛУБ „ЦАР БОРИС ТРЕТИ“ ВО ОХРИД ОШТЕТЕН ОД ОГНЕНО ОРУЖЈЕ, МНР ГО ОСУДИ НАПАДОТОва е трето оштетување на бугарскиот клуб во Охрид, именуван според бугарскиот цар соработник на фашистите. (Фото: СДК.МК)

    Бугарски клуб во Охрид „Цар Борис Трети“, именуван според бугарскиот цар соработник на фашистите, е оштетен со огнено оружје. Непознати сторители синоќа пукале во канцеларијата, чие отворање во јавноста се смета за провокација од истоименото здружение на Бугарите во Македонија. Ова е трето оштетување на бугарскиот клуб во Охрид.

    Од охридската полиција велат дека се работи на расветлување на случајот.

    „На 23.11.2022 година во 19.12 часот во СВР Охрид пријавено е оштетување на стакло на канцеларијата на здружението ‘Цар Борис Трети’ лоцирана на булеварот Македонски просветители во ТЦ Амам во Охрид.Полициски екипи при СВР Охрид излегоа на местото на настанот при што, утврдено е дека на стаклото од надворешната врата и стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје. За настанот известен е Јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на настанот“, вели портпаролот на СРВ Охрид Стефан Димоски.

    Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) синоќа го осуди вандализмот и ги повикува надлежните институции да ги истражат „околностите под кои се случија овие вандалски активности и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава“.

    Нападот го осуди и претседателот Стево Пендаровски.

    Поради нападот, на македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси Бугарија ќе ѝ врачи остар демарш.
    „Ја забележуваме реакцијата на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, но категорично не прифаќаме вакви тешки кривични дела да се дефинираат како вандалски чин“, соопшти бугарското МНР додавајќи дека очекува да се откријат и судат„сторителите на злосторството врз клубот Цар Борис Трети“.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира