БУКОВА ШУМА КОЛКУ ФУДБАЛСКО ИГРАЛИШТЕ СОТРЕНА ВО КРУШЕВСКАТА КОРИЈА

    БУКОВА ШУМА КОЛКУ ФУДБАЛСКО ИГРАЛИШТЕ СОТРЕНА ВО КРУШЕВСКАТА КОРИЈАОд Министерството за земјоделство велат дека по извршените увиди од лице место до Основниот суд Крушево има поднесено девет барања за поведување на прекршочна постапка во последните три месеци. - Последици од сечата (Фото: СДК.МК)

    Голема површина со букова шума е исечена во Крушевската корија, во месноста викана Блага Вода, во шумскиот оддел 112, над селото Белушино. Жална слика нѐ пречека во коријата по три часа пешачење низ буковата шума за да го најдеме местото кое месното население го опишуваше како „соголено до кочан“. Исечената површина може да се спореди со едно фудбалско игралиште. Пресечените стебла не се добројуваа. Сечата не ни наликуваше на проред зашто беше зафатена голема површина. Ни на санитарна сеча која се применува кај болни и суви дрвја. Буките изгледаа здрави, а пресечените стебла светли, што покажуваше дека скоро биле отсечени. На сите страни имаше гранки и остатоци од сечени дрва, па и скршени стебла кои настрадале додека други паѓале.

    За да стигнеме до местото моравме да се движиме низ папрати, трња и друга густа вегетација. Додека пешачевме во придружба на жители од околните села низ шумата се слушаа како ечат моторни пили. Нашите сопатници рекоа „дрвосечачите на големо работат“. По пат пресретнавме и ловџија, кој најверојатно им јави дека новинари има низ шумата, па кога стигнавме на местото, сечачите се имаа разбегано. На самото место имаа заборавено вреќи, јакни, тегли со пиперки, па и стоденарка.

    По патот наоѓавме испаѓани сајли за влечење дрвна маса и трупци во должина од еден метар како што се продаваат по пазарите. Трупците беа поголеми од пропишаните димензии за шумски отпад што според Законот за шуми треба да се гранки и стебла со дијаметар со 7 сантиметри.

    „Што ќе ги гледаш, со трактори ноќе минуваат и ако ги кажеш треба да се тепаш со луѓето. Од подолните села се. Има дрво крадци, секогаш имало и ќе има“, вели Шабан Ајровски, жител на село Белушино. (Фото: СДК.МК)

    По шест часа минати низ шума се спуштиме до селото Белушино. Таму жителите изразија загриженост за сечата во шумата, но ретко кој зборуваше јавно.

    „Што ќе ги гледаш, со трактори ноќе минуваат и ако ги кажеш треба да се тепаш со луѓето. Од подолните села се. Има дрво крадци, секогаш имало и ќе има“, вели Шабан Ајровски, жител на село Белушино.

    Дел од селаните пак, раскажуваат дека сечачите имаат одобренија за збирање отпад по санитарна сеча. Ни покажаа и еден таков документ на кој пишуваше дека на одредено лице му се одобрува собирање на отпадок, а на местото за референтот кој ќе ја координира акцијата не е посочено конкретно лице, туку пишува работна група, вработени во шумската подружницата. Ни покажаа и друго одобрение за друг оддел на кое пак, имаше наведено име на референти што контролираат. Дел од селаните со апел до надлежните институции да испитаат дали испратниците за собраната дрва маса наместо на лице место се издаваат откако тракторите ќе излезат од шумата.

    Од портпаролката на Министерството за земјоделство Соња Трпчевска Јанковска добивме одговор дека шумската полиција од Крушево континуирано врши контрола во место викано Блага Вода оддел 112 над село Белушино и по извршените увиди од лице место до Основниот суд Крушево има поднесено девет барања за поведување на прекршочна постапка во последните три месеци.

    Од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ писмено ни одговорија дека воведуваат шумски ред по нелегалната сеча од која е нападната околината на село Белушино. Пишуваат дека се задолжени со решение од државен инспектор по шумарство и ловство од 29 септември годинава да воведат шумски ред.

    „Да, дозволено е на било кој начин да се воведе шумски ред. Исто така би напоменале дека околината на село Белушино во Крушево е нападнато од нелегална сеча за што од ЈП ’Македонски шуми‘ – Скопје ПШС ’Липа’-Крушево прави напори за сузбивање на овој вид на сеча, за што е побарано и помош од Шумската полиција и МВР за асистенција за да се спречи нелегалната сеча. Доколку би ги оставиле тие бесправно посечени дрва кои ги наведувате во вашиот допис, би настанале биотски, абиотски и други фактори кои можат да предизвикаат штетни последици во шумата и воедно во случај на пожар тие дрва би претставувале препрека и гориво за брзо ширење на пожарот“, пишува во одговорот од „Македонски шуми“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира