БУЛДОЖЕРОТ СО КОЈ СЕ ПРЕВРТEЛ РАБОТНИКОТ КОЈ ЗАГИНА ВО РЕК БИЛ ИСПРАВЕН, СО КОМИСИЈА ЌЕ СЕ ИСПИТУВА СЛУЧАЈОТ

    БУЛДОЖЕРОТ СО КОЈ СЕ ПРЕВРТEЛ РАБОТНИКОТ КОЈ ЗАГИНА ВО РЕК БИЛ ИСПРАВЕН, СО КОМИСИЈА ЌЕ СЕ ИСПИТУВА СЛУЧАЈОТВо несреќата во рудникот Суводол ноќва по полноќ почина искусен работник, кога булдожерот со кој формирал траса за поместување на дел од нултиот систем влетал во провалија и се превртел; - Од прес-конференцијата на менаџментот на РЕК и ЕСМ. (Фото: СДК.МК)

    60- годишниот Вецко Костадиновски од Битола е работникот кој рано утрово загина во рудникот Суводол во РЕК „Битола“. Од Комбинатот на прес-конференција соопштија дека станува збор за искусен работник кој починал во несреќен случај кога булдожерот со кој формирал траса за поместување на дел од нултиот систем влетал во провалија и се превртел.

    Од менаџментот на ЕСМ и РЕК, кој утрово беше во комбинатот на итен состанок за точно да се увидат околностите, велат дека биле запазени сите протоколи за заштита при работа, а булдожерот бил технички исправен.

    „Во РЕК работникот работеше од 2012 година, унапреден две скалила во 2018 година и награден пред само 2 месеца за својот труд. Машината што ја раководеше е ТД 40 булдожер, беше искусен ракувач и досега никогаш немаше проблеми. Машината е во исправна техничка состојба и последниот генерален ремонт на машината е извршен во март годинава. И никој од ракувачите немаше ставено забелешка на исправноста на машината“, рече Златко Ќурчиевски, директор на РЕК „Битола“.

    Тој напомена дека работните задачи на починатиот Костадиновски биле поврзани со јаловинскиот систем, а не со јагленовиот, што значи апсолутно не се работело за санирање на состојбите од последните поплави.

    Несреќата се случила рано утрово по 2 часот во рудникот Суводол, каде денес увид извршија истражни органи, а и од Комбинатот ќе формираат комисија да го испита случајот. Телото е дадено на обдукција.

    „Работникот бил сам додека извршувал работна задача, немало други присутни, бил во движење и тоа ни ги отежнува можностите да кажеме кои се причините за настанатата несреќа. Од првичните информации, станува збор за несреќен случај и запазени се сите пророколи за заштита од работа. Но, ќе формираме и комисија која ќе го истражи овој настан“, рече Васко Ковачевски, директор на ЕСМ .

    Раководството изрази сочуство до семејството, на кое ќе им пружат и помош, а изразија и длабоко жалење за загубата на искусниот работник.

    Од 2003 досега, во РЕК имало пет несреќи со загуба на човечки живот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира