БУЛЕВАРОТ БОЦА ИВАНОВА ВО БУТЕЛ Е КАПИТАЛЕН ПРОЕКТ И ЌЕ СЕ ГРАДИ, А СЕДУМТЕ ЗГРАДИ ГИ НАЦРТА ВМРО-ДМПНЕ, РЕЧЕ АРСОВСКА

    БУЛЕВАРОТ БОЦА ИВАНОВА ВО БУТЕЛ Е КАПИТАЛЕН ПРОЕКТ И ЌЕ СЕ ГРАДИ, А СЕДУМТЕ ЗГРАДИ ГИ НАЦРТА ВМРО-ДМПНЕ, РЕЧЕ АРСОВСКААрсовска кажа дека градоначалникот Дарко Костовски во изборната кампања додека шетале заедно им ветувал на граѓаните исполнување на сите проекти од програмата „Модерно Скопје“ во која е и овој проект.(Фото: Град Скопје)

    Булеварот Боца Иванова во Општина Бутел е капитален проект за Скопје и затоа мора да гради, рече денеска на прес-конференција градоначалничката Данела Арсовска откако изминатите два дена жители од овој дел на градот заедно со градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски протестираа против проектот. Тие велат дека булеварот ќе им минува пред куќите односно за изградба на сообраќајницата ќе им биде одземено дворното место. Заедно со Костовски обвинија дека Арсовска го прави булеварот за да може да никнат седум нови згради.

    Арсовска денеска на граѓаните им одговори дека земјиштето каде ќе минува булеварот е државно и дека овој проект е стар со години односно предвиден со Генералниот урбанистички план 2012-2022 кој го правеше ексградоначалникот Коце Трајановски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Булеварот се простира на државно земјиште, но сепак, во еден дел од трасата каде што треба да се изгради овој булевар постојат десетина семејства кои ги прошириле своите дворови на тоа државното земјиште врз кое е предвидена изградбата на овој булевар, а со тоа и го узурпирале земјиштето, што според член 225 став 1 од Кривичниот законик е казниво дело. Градот Скопје нема намера да врши кривичен прогон на граѓани, но сакам да апелирам до граѓаните во овој дел на општина Бутел да не потпаѓаат под политичките игри и манипулации на политиканти кои се обидуваат да ги инструментализираат во својата нечесна политика. На крајот, одговорноста за узурпацијата на земјиштето нема да биде на градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски, туку на оние кои го узурпирале земјиштето“, рече Арсовска.

    Арсовска кажа дека градоначалникот Дарко Костовски во изборната кампања додека шетале заедно им ветувал на граѓаните исполнување на сите проекти од програмата „Модерно Скопје“ во која е и овој проект.

    „Деталниот урбанистички план на Општина Бутел со кој се предвидува изградба на седум згради кои излегуваат на булеварот Боца Иванова го направил тогашниот градоначалник Петре Латиновски, а го изгласале во 2015 токму советниците во советот на Општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Овој ДУП за изградба на 7 згради кој го изгласале токму од ВМРО-ДПМНЕ е сè уште на сила и во ниту еден момент во оваа измината година Дарко Костовски не реагирал да ги поништи овие 7 објекти ниту на вцртувањето на нови згради во Бутел. Ова значи дека, ВМРО-ДПМНЕ не само што дозволиле да се впишат за изградба седум згради на овој булевар, туку тие и го донеле планот за изградба на овие згради“, додаде Арсовска.

    Арсовска кажа дека булеварот ќе почне да се гради во текот на овој месец. Според проектот на трасата ќе биде изведена нова водоводна и атмосферска мрежа како и ново улично осветлување. На булеварот се проектирани и  велосипедска патека, пешачка патека и соодветно партерно уредување по целата негова должина.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира