СО ЧАСОВИ ЧЕКАА ДА ВЛЕЗАТ ВО ГРЦИЈА ДА СЕ СОНЧААТ НА ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНД

    СО ЧАСОВИ ЧЕКАА ДА ВЛЕЗАТ ВО ГРЦИЈА ДА СЕ СОНЧААТ НА ПРОДОЛЖЕН ВИКЕНДНајмногу македонски туристи имаше на граничниот премин Богородица откако македонските власти соопштија дека за патнички сообракај кон Грција целосно се затворени Дојрани и Меџитлија. (Фото. СДК.МК)

    Голем број македонски граѓани денеска со часови чекаа да влезат во соседна Грција на продолжен викенд, откако грчките цариници доцна синоќа стапија во штрајк. Заради утрешниот неработен ден, голем број Македонци одлучија претстојниот викенд да се одмораат на Егејското море, но денеска мораа да чекаат со часови за влез во Грција. Најмногу ги имаше на граничниот премин Богородица откако македонските власти соопштија дека за патнички сообракај кон Грција целосно се затворени Дојрани и Меџитлија.

    „Знаевме дека имаат штрајк, но имавме уплатено за продолжен викенд во Пефкохори. Кажаа дека ќе се пропуштаат по 15 минути овде на овој граничен премин и затоа тргнавме. Но, еве заглавивме и чекаме да ни дојде редот за да ја поминеме границата на ова жешко време. Проблем праваат патниците од Србија кои очигледно не беа информирани“, вели Сашко Коцев од Скопје, кој вели дека имал пријатели кои за Грција планирале да влезат преку Бугарија, но не биле сигурни дали и таму е затворен патничкиот сообракај

    „Сакавме да се сончаме на Егејот, но боја очигледно ке добиеме тука. Што да правиме, мора да чекаме“, кусо кажаа патници од Битола.
    Од туристичките агенции потврдуваат дека имале резервации за овој продолжен викенд и голем број граѓани се интересирале дали може да ги откажат, заради штрајкот на грчките цариници. Се одлучиле на мини одмор заради ниските цени и попустите што ги има во Грција за првиот јунски викенд.

    „Заради утрешниот неработен ден, добар дел од Македонците резервираа престој и одмор во некој од хотелите во грчките туристички места. Се интересираа дали може да се откажат резервациите откако ненадејно царината во Грција стапи во штрајк. Се разбира, според туристичките норми може откажувања, но се плаќаат пенали“, велат туристичките работници кои тврдат дека најпосакувани дестинации на македонците за овој викенд биле краците на Халкидики.

    Од синоќа па до доцна вечерва во прекин е сообракајот на сите три гранични премини кон Грција заради најавениот еднодневен генерален штрајк на грчките царински служби. Целосно се затворени за сообраќај Дојрани и Меџитлија, кои можат да се поминат пеш, а со возило може да се помине Богородица, каде на секои 60 минути блокада, имаше по 15 минути пропуштање на возила.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира