Барокните канделабри кои ексградоначалникот Коце Трајановски ги постави на плоштадот ВМРО по неговата изграба, четири години стојат расфлени низ плочникот, уништени и затрупани со ѓубре. Откако инвеститорот на хотелот ТЦЦ „Плаза“ (поранешно „Беко“) почна со изградба на новиот објект, канделабрите беа извадени и оставени да стојат на плоштадот. Освен што се оштетени и искршени, служат и како канти за отпадоци, а на нив висат закачени кеси со ѓубре и пластични шишиња. Исто така го блокираат и движењето низ плоштадот, а оштетен е и плочникот.
Сите овие години ваквата грда слика во строгиот центар на градот на никого не му смета. На Град Скопје, под чија надлежност е плоштадот, не му текнува да ги тргне или да ги постави на друга локација, ниту пак информирале дека инвеститорот е казнет зашто уништел урбана опрема платена со пари од граѓаните.
Плоштадот ВМРО беше изграден во 2016 и чинеше околу 1,5 милиони евра, пари кои беа обезбедени од буџетот на Град Скопје. Фонтаната е изведена по идејно решение на Елена Дуковска. На врвот стои лав, а на столбот релјефи од историјата на ВМРО.
А. АНТЕВСКА