Инспекторите од Град Скопје пишале 4 казни за горење отпад, од кои две на физички лица и две на фирми.
Инспекторите за животна средина на Градот во ноември и декември извршиле на два пати извршеле контроли на инсталациите во фирмите кои имаат Б интегрални дозволи и притоа не биле констатирале неправилности.
„Инспекторите на Град Скопје моментално се излезени на терен и вршат вонредни и зачестени контроли, а последниот извештај вели дека засега нема казнети, бидејќи не констатирале отстапување од пропишаните услови. Градот Скопје во текот на 2017 година има одобрено 500 елаборати и извршено 94 контроли за периодот ноември-декември, односно се извршени контроли на сите фирми коишто имаат емисии во воздухот при производниот процесот и не се евидентирани неправилности при нивното работење.“, велат од Град Скопје.
Од таму додаваат дека нивна надлежност е да вршат проверки што се гори и да санкционираат физички и правни лица доколку горат недозволени суровини и отпад.
Во рамките на мерката за огнови на отворено за што беше отворен и телефонскиот број 193, не се изречени казни туку инспекторите само ги опоменувале граѓаните.
Град Скопје вчера по втор пат оваа зима ги воведе мерките за намалувањето на загадувањето откако два дена по ред нивото на ПМ честичките беше над дозволеното. Превозот со автобусите на ЈСП „Скопје“ и приватните превозници е бесплатен, стопирани се сите градежни активности и засилени контролите на терен.
А. АНТЕВСКА