Велешанецот С. Д. (47) на 5 јануари вечерта бил каснат од видра во месноста Капиновски Вирови, преградени на реката Бабуна. Тој е 45. случај на човек каснат од видра во светот, според евиденцијата Националната медицинска библиотека на САД. Според документацијата на библиотеката, вкупниот број на каснати лица од видра се води од 1875 до 2010 година, досега имало 44 во светот, а најголем број случаи се регистирани во Флорида.
„Во езерцата чувам крапови и вечерта околу 20ч кога сакав да уловам некое парче, го осветлив просторот со батериска лампа, некое животинче скокна и ме касна. И тоа преку јакна, облека за десната рака. Парче месо ми скина, видов дека е видра, морав да барам помош од доктор“, вели С. Д.
Во Велешката болница го потврдија настанот.
„Вечерта на 5 јануари, околу 21,30ч. на Ургентното одделение е дојден пациент кој се пожалил на каснување од видра на десната надлактица. Извршена е хируршка интервенција и пуштен на домашно лекување“, кажа д-р Билјана Босилкова, портпаролка на Општа болница Велес.
Видрата е месојаден цицач од семејството на куните. Таа е добро прилагодена за живот во слатки води. Видрите се познати се како вешти пливачи, се хранат со риба, активни се ноќе. Инцидентите, според стручната литература, се последица на човечко навлегување на територијата на видрата, а повредите може да бидат доста тешки, бидејќи речните видри имаат остри заби.
П. ПЕЧКОВ