ДА ПРЕСТАНЕ УРБАНИЗАЦИЈАТА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕ И АРХИТЕКТИТЕ

    ДА ПРЕСТАНЕ УРБАНИЗАЦИЈАТА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, БАРААТ ЕКОЛОГИСТИТЕ И АРХИТЕКТИТЕСо урбанизацијата се предвидени хотели, градби, пристапни патишта, кои негативно ќе влијаат на околината. (Фото: СДК.МК)

    Екологистите и стручните лица се против натамошна урбанизација на околината од велешкото езеро Младост. Тие сметаат дека е доволно градење во оваа зона и потребно е на рекреативците и излетниците да им се остави слободен зелен простор.

    „Мора да се направи анкета, студија, што тој простор може да издржи. За да се отуѓи државно земјиште мора да се направи сериозна студија“, рече Михаил Зиновски, професор на Архитектонски факултет.

    Но, праксата покажува дека првиот Детален урбанистички план (ДУП) за околината на езеро Младост е донесен 2007, па следен 2008 кога немало вода за пиење за тој простор, а почетокот на изградбата на водоводна мрежа е дури во 2012, откако една година претходно Велес се задолжи кај Светска банка за негова изградба.

    „Шумскиот појас околу езерото, од кого поголем дел изгоре во пожарот пред три години, има за цел заштита од ерозија. Кога се гради акумулација се засадуваат дрвја и се создава тој зелен појас оти постои опасност од ерозија и земјата да се свлече во водата. Оваа урбанизација не предвидува зелен појас, предвидени се хотели, градби, пристапни патишта, кои ќе влијаат на околината. Секое прекривање на земјиштето со градба е неповратно уништување на земјиштето. Досега доволно е уништена околина на езерото“, рече Златко Арсов, професор на Земјоделскиот факултет.

    „ДУП-овите или Генералните урбанистички планови (ГУП) не се Библија и затоа истите треба да се во интерес на зачувување на природата, природните ресурси, животната средина и здравјето на луѓето. Заврши времето кога некои велеа ‘Бизнисот во прв план‘. Ни треба Општина и држава која е во одбрана на зелените политики. Ако гледаме локално, ќе го истакнам и поздравам примерот на градоначалникот на Општина Аеродром кој излобира да се промени градежна парцела во парк. Значи, кога се сака се може. Натамошна урбанизација и градењето на околината од езерото Младост нема изговор“, вели Стеве Дечев од Фондација „Импакт нет“, дел од Европските зелени програми.

    За градоначалникот Марко Колев, ваквото барање е нереално. Објаснува дека состојбата ја наследил и тој со ништо не придонел за неа, ниту планира да продава или гради.

    „Терминологијата која се употребува ја доведе во заблуда велешката јавност. Ние носиме одлука за програма за уредување на градежно земјиште и ако има интерес ќе ставиме парцели за продажба кои се слободни. Ниту се носи нов ДУП, ниту се носи дополнување на постојните. Парцелите се предвидени за продажба согласно ДУП одобрен со одлука на Совет уште во 2007 година, врз основа на добиена согласност од Министерството за транспорт и врски. Целосно е неточно тврдењето дека ќе се узурпира и урбанизира шумското подрачје околу езерото, напротив, зелениот појас останува целосно заштитен. Јавноста треба да знае ако нешто не е изградено, не значи дека не е и продадено“, рече Колев.

    Најави дека не планира дополнително урбанизирање на околината неа езерото, освен спортско-рекреативни терени, за кои рече дека не се градби туку уредување на просторот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира