Битолчани излегоа на меморијален собир во чест на последната жртва на фемицид, 31-годишната битолчанка, која на 14 мај беше убиена со нож на спиење од поранешниот партнер.
Собирот во организација на неформална група граѓани од ромската етничка заедница имаше за цел да ги охрабри жените да го пријавуваат семејното насилство. Граѓаните тргнаа од Општина Битола до плоштадот Магнолија, каде што говорниците се обратија пред присустните.
„Порачавме да се обрне внимание дека жените сѐ повеќе стануваат жртви на фемицид, сѐ повеќе се жртви на семејно насилство! Да се обрне внимание дека ромската жена, која живее во огромна сиромаштија без редовно вработување, уште потешко може да излезe од канџите на семејното насилство. Се собравме да се потсетиме на жртвите на фемицид и да ги повикаме Ромките и сите останати да се охрабрат и да го пријавуваат насилството пред надлежните институции“, рече Софија Ристевска-Петрушева, една од говорничките на собирот.
Учесниците носеа пароли со пораки дека фемицидит не е лична трагедија, туку системски проблем, а говорниците истакнаа дека не смее да се третира како изолиран проблем, туку како длабок општествен и институционален предизвик, што бара итен, координиран и одлучен одговор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



