ДА СЕ ОТФРЛИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА НАБАВКАТА НА „АУДИ А6“ ОД 67.000 ЕВРА ОТИ ИЗМИНАА ПОВЕЌЕ ОД 5 ГОДИНИ, БАРА ОДБРАНАТА НА МЕРКО

    ДА СЕ ОТФРЛИ ОБВИНЕНИЕТО ЗА НАБАВКАТА НА „АУДИ А6“ ОД 67.000 ЕВРА ОТИ ИЗМИНАА ПОВЕЌЕ ОД 5 ГОДИНИ, БАРА ОДБРАНАТА НА МЕРКОСудскиот процес со сослушување на сведоци ќе продолжи на 2 септември. (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Струга денеска продолжи судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ вреден 67 илјади евра. Одбраната побара Судот да го одбие обвинителниот предлог, оти рокот за обвинение изминал.

    „Обвинителниот предлог од страна на Јавното обвинителство е поднесен на 28.02.2024 година до Основен кривичен суд Скопје со кој обвинетиот се товари за дејствија од 2018 година што значи изминале повеќе од 5 години. Судот требало согласно член 337 од Законот за кривична постапка, а заради одредбата од член 107 од Кривичниот законик на Македонија да донесе решение со кое ќе го одбие обвинителниот предлог. Во превод ова обвинение не требало да доживее судење, не пак како сега да се води активна судска постапка во која ќе се преземаат било какви дејствија од учесниците во истата“, смета бранителот на Мерко, Игор Петкоски.

    „Одбраната и Јавното обвинителство истакнаа предлози кои судот мора да ги провери, посебно предлогот на одбраната којшто бара судот да донесе решение во поглед на тоа дека е настапена застареност на кривичното гонење“, вели судијката Надица Митреска.

    За луксузниот автомобил „ауди А6“ и три други возила од општинскиот буџет вкупно беа потрошени 114.000 евра. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал го гони струшкиот градоначалник за злоупотреба на службената положба, бидејќи спротивно на начелата на законитост, како и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка, набавил четири моторни возила со што го оштетил буџетот.

    Судскиот процес со сослушување на сведоци ќе продолжи на 2 септември.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира