На брегот на Охридското Езеро има околу 40. 000 викенд станови кои се издаваат преку лето, а поголемиот дел од нив создаваат сива економија оти не се регистрирани за таа дејност, гостите остануваат неевидентирани и не плаќаат туристичка такса, велат од од Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ). Според ХОТАМ, потребна е туристичка полиција, но и закон кој би го средил хаосот во туризмот.
„Немаме чист и јасен зaкон, нема туристичка полиција, многу работи ни недостигаат во туризмот. Луѓето секогаш и секаде имаат право да купат станови, но како може да го издаваат тој стан секоја држава има посебни закони. Кај нас ги нема или не се почитуваат“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
Големиот број викенд станови во Охрид и Струга креираат масовен туризам во екот на туристичката сезона, но и голем број инфраструктурни проблеми.
„Во тие месец дена доаѓаат да живеат во тие станови. Назад нема од тоа, стартегијата се прави долгорочно и треба да се види што понатаму. Мораме да направиме еден стратешки план кој би бил долгорочен, следните пет години го правиме за оваа дестинација да биде самоодржлива“, вели Блажески.
Активистите постојано апелираат дека неконтролираната урбанизација продолжува, нема отстранување на дивоизградените објекти, а не се води грижа ниту за заштита на Охридското Езеро кое се загадува, но и неконтолирано се искористува за производство на електрична енергија.
С. ВРЕНЦОВСКА