ДАНЕЛА АРСОВСКА ГО РАЗРЕШИ И ДИРЕКТОРОТ НА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ МАРТИН АНГЕЛОВСКИ, МЕСЕЦ И ПОЛ ПО НАЗНАЧУВАЊЕТО

    ДАНЕЛА АРСОВСКА ГО РАЗРЕШИ И ДИРЕКТОРОТ НА „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ МАРТИН АНГЕЛОВСКИ, МЕСЕЦ И ПОЛ ПО НАЗНАЧУВАЊЕТОЗа една недела разреши четири директори на градските претпријатија; - градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска го разреши од функција и директорот на ЈП „Паркови и зеленило” Мартин Ангеловски, кој беше назначен на 26 јуни годинава. Ангеловски е четврт директор кој е разрешен за една недела.

    „Поради неправилности при работењето и непочитувањето на договорот за вработување, од функцијата директор на ЈП ‘Паркови и зеленило’ е разрешен Мартин Ангеловски. Справувањето со корупцијата и самоволието во градот Скопје беше и е едно од главните предизборни ветување на градоначалничката Данела Арсовска. Никој не смее да си поигрува со народните пари, а уште помалку со довербата на граѓаните на градот Скопје”, соопштија од Град Скопје и најавија ревизија на работењето на Ангеловски.

    Ангеловски, како и останатите тројца директори, кои беа разрешени минатата недела важат за блиски со Драги Митковски-Книга кој, како што велат партиски извори, веќе не е соработник на Арсовска. Таа минатата недела ги разреши директорите на ЈП „Водовод и канализација“ Виктор Панчевски, на „Градски паркинг” Михаил Петревски и на „Комунална хигиена“ Гоце Трајковски.

    Митковски беше многу близок соработник на скопската градоначалничка. Тој на парламентарните избори во мај беше носител на листа во Втората изборна единица од партијата на Арсовска Нова алтернатива.

    На 9 август беше запален службениот автомобил на Митковски пред неговиот дом во скопската населба Ѓорче Петров.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира