На сонце се грееме бидејќи дома веќе четири дена немаме струја, вели Борис Стојковски, жител на битолската населба Баир, каде во саботата изгоре трансформатор на ЕВН, па голем број семејства од улиците Дебарска и Караорман се без струја. ЕВН донесе нов трансформатор уште вчера, но не може да го транспортира низ населбата зашто уличките се тесни, дел се земјени, а има и дивоградби.
„Струја немаме од саботата од 11 часот. Шпоретот на дрва моравме да го запалиме, со свеќи дома светиме како на времето. Разбравме дека не можеле да го заменат трансформаторот зашто немало пристап од дивоградбите. И багер имаше вчера. Мачно е без струја“, рече Стојковски.
Жителите се жалат дека домовите им се незагреани, не можат да одржуваат лична хигиена и им се расипува храната.
„Греалките се студени, ладилниците се одмрзнаа. 300 килограми месо фрливме, нема каде да се чува. Реонот без струја е голем. Умираме од студ, немаме дрва да се греме. Децата не можеме некапени да ги пуштиме на школо“, рече локалниот жител Алмир Ајрединов.
Овој дел на Битола, каде на највисоките делови е сместена дивата ромска населба, често има проблеми со струјното напојување поради дивите приклучоци.
„Дивите приклучоци го предизвикаа дефектот. Не можеше трафостаницата да издржи“, рече Љубе Вељановски.
Од ЕВН велат дека трансформаторот целосно изгорел од преоптовареност. Уште вчера испратиле нов, но бараат начин како да го транспортираат.
„Тежи 2.5 тони и треба да се однесе со камион, а низ тие улички не може возило да помине. Бараме техничко решение како да се изведе тоа. Каблите и другите делови на раце ќе се однесат, но трансформаторот ни со влекачи не може да се пренесе зашто дел од патот е земјен“, рече Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.
Ж. ЗДРАВКОВСКА