ДЕЛ ОД БИТОЛСКИТЕ УЧЕНИЦИ ОСТАНАА БЕЗ БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ, НАДЛЕЖНИТЕ НЕ САКААТ ДА ИМ СЕ ПОВТОРИ „ТРАНСПОРТЕР“

    ДЕЛ ОД БИТОЛСКИТЕ УЧЕНИЦИ ОСТАНАА БЕЗ БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ, НАДЛЕЖНИТЕ НЕ САКААТ ДА ИМ СЕ ПОВТОРИ „ТРАНСПОРТЕР“Постапката за избор на превозници е во тек и училиштата очекуваат наскоро да се реши проблемот. - Ученици на Широк сокак (Фото: СДК.МК)

    Неколку денови без бесплатен школски превоз се учениците од медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ и гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола. Договорите со превозниците истекоа минатата година, а деновиве дел од превозниците откажаа да возат без договор по најавите дека приградскиот превоз ќе се одвои од ученичкиот. Денес е отворен тендерот за избор на транспортни фирми кои во следниот период ќе го вршат превозот. Во овој вакуум простор учениците сами се снаоѓаат за да стигнат до училиштата.

    Дел од фирмите превозници велат дека нив не им се исплатува да возат доколу ученичкиот се издвои од приградскиот линиски превоз.

    „Со автобусот со кој ги возевме учениците, се опслужуваа и линиите до околните села, сега вака тие ќе замрат. Од селата Лопатица, Лисолај, Црнеец, Крклино и други покрај учениците превезувавме и жители и така некако се исплатуваше цената да биде 34 денари по ученик. Сега од село Црнеец имаме само еден ученик, доколку се одвои приградскиот од ученичкиот превоз, нема да ни се исплатува да пуштаме автобус само за едно дете, а друг за жителите. Така услугата за учениците ќе биде до три пати поскапа“, велат битолски превозници.

    Директорите на училиштата денес беа на конференција во Скопје, па не можевме да добиеме информација од нив околу настанатиот проблем. Но, од гимназијата „Јосип Броз Тито“ телефонски ни потврдија дека денес нема бесплатен превоз за средношколците кои живеат подалеку од училиштата. Истакнаа дека постапката за избор на превозници е во тек и се очекува за скоро да се реши проблемот.

    Градоначалничката на Битола Наташа Петровска изјави дека во моментов превозот е во дискутабилна фаза, но се постапува според инструкциите на Бирото за јавни набавки и Министерството за образование со цел да не се повторат грешки од минатото.

    „Ученичкиот превоз во Гимназијата и Медицинското училиште во моментот за дел од превозниците е во дискутабилна фаза зашто имаше преговори со превозноците околу цените што треба да бидат постигнати. Постапката ја изведуваат училиштата целокупно по сугестии и инструкции од Бирото за јавни набавки и од Министерството за образование зашто станува збор за исклучително, осетлив, сензитивен процес, кој е поврзан и со судски спорови“, рече Петровска.

    За превозот на учениците кој беше поскап од реалните цени се води судски спор за случајот „Транспортер 1“ во кој е обвинет ексградоначалникот Владимир Талески, поранешниот секретар на општината Слободан Банчановски и други дваесетина лица, меѓу кои директори на училишта и превозници. Воедно има и обвинение за „Транспортер 2“ покренато против Талески и други соработници повторно за бесплатниот школски превоз.

    Бесплатниот школски превоз беше воведен во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а Талески во повеќе наврати кажуваше дека е неопходна промена на методологијата за распределба на парите зашто вака недостасуваат доволно средства за да се покријат трошоците. Кон дел од превозниците сѐ уште не се подмирени долговите за превозот на учениците во изминатите години, а дел од превозниците велат дека со ваквиот превоз само заглавиле.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира