ДЕЛ ОД БИТОЛСКИТЕ УЧЕНИЦИ ОСТАНАА БЕЗ ПРЕВОЗ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ ВОЗАТ СО ОПШТИНСКИОТ ЛИНИСКИ ПРЕВОЗ

    ДЕЛ ОД БИТОЛСКИТЕ УЧЕНИЦИ ОСТАНАА БЕЗ ПРЕВОЗ, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ ВОЗАТ СО ОПШТИНСКИОТ ЛИНИСКИ ПРЕВОЗВо понеделник на седница на Совет ќе се гласаат и новите тарифи за превозот, кои ќе бидат пониски од оние во минатото. - Автобуска постојка во Битола (Фото: СДК.МК)

    Ученици од околните општини кои учат во Битола од вчера останаа без бесплатен школски превоз, па нивните родители се жалат дека морале од џеб да им ги плаќаат билетите за до школо. Од Општина Битола велат дека бесплатниот школски превоз во иднина ќе го вршат превозниците на општинскиот и меѓуопштинскиот линиски превоз и дека учениците ќе добијат безбеден превоз по пазарни цени, а на овој начин ќе се решава проблемот со долговите за превоз кои финансиски ги колабираа училиштата.

    „Имам две деца кои од село Вашарејца учат во Битола. Вчера им беше кажано дека истекол договорот со превозникот и бидејќи во селото немаме редовна линија за автобуски превоз сега учениците треба да излегуваат на крстосницата надвор од селото, па од таму да го зема автобус. Вечера и денес од свој џеб плативме, по 80 денари во еден правец“, вели Тони Ангелевски од село Вашарејца, општина Могила.

    Денес на прес конференција Јован Тозиевски, претседател од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Ресен, рече дека околу 150 ученици од Ресен кои средното образование го продолжиле во Битола, останаа без превоз, кој им е загарантиран од Министерството за образование и наука бидејќи средното образование е бесплатно и задолжително. Тој рече дека доколку проблемот не биде решен родителите се закануваат со порадикални мерки.

    Од Медицинското училиште во Битола каде има поголем број ученици од околните општини велат дека со измените во Законот за превоз на патниот сообраќај учениците се изедначуваат со другите патници, па ќе може до школо да го користат меѓуопштинскиот превоз.

    „Правиме списоци во училиштата кои треба да им се достават на превозниците, онаму каде има по двајца превозници им се остава да изберат еден, им се доставува возен ред, ова ќе потрае неколку дена и проблемот ќе биде решен“, велат од Медицинското училиште.

    Општина Битола се огласи со писмено соопштение во кое пишува дека на подрачјата во општината каде има утврден возен ред превозот ќе се врши од страна на носителите на дозвола на општински линиски превоз. Бесплатниот превоз на ученици на две или повеќе општини каде што има утврден возен ред ќе се врши од страна на превозниците за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени со превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници.

    „Веќе се дадени напатствија до училиштата да спроведуваат активности на адаптирање на новите законски одредби, со цел учениците да имаат нормален и безбеден превоз по цени нормални и соодветни на пазарните цени на превозот“, велат од Општината.

    Во понеделник на седница на Совет ќе се гласаат и новите тарифи за превозот, кои ќе бидат пониски од оние во минатото. Возен билет за едно возење во една зона ќе чини 20 денари, за две зони 35 денари, за три зони 45 денари, а за четири зони 55 денари.

    Од Општина Битола велат дека на овој начин прават обид еднаш засекогаш да го решат проблемот со превозот, кој е основен причинител на финансискиот колапс во битолските училишта. Поради тоа што претходно овој проблем не се решавал, во моментов долговите на битолските училишта само по основ на превоз изнесуваат над 770.000 евра.

    Токму за неправилности во организирањето на бесплатниот школски превоз се водат случаите Транспортер 1 и 2 каде се осомничени ексградоначалникот Владимир Талески, поранешниот секретар на општината и други бивши директори на училишта и превозници.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира