Во услови кога Битола се соочува со големо аерозагадување, дел од општинските пари не може да се искористат за краткорочни мерки зашто Општината е принудена да плаќа договор од 80 милиони денари потпишан од претходниот градоначалник за изградба на северната трибина од стадионот.
„Тоа бил приоритет што јас како сегашен градоначалник и поранешен советник, не сум го избрала. Дали би дала приоритет на решавање на тој проблем кога денес се соочувам со 80 милиони денари по склучен договор, одговорот е дека не би дала поддршка тие 80 милиони денари да бидат така затворени. Ги гледам ставките што се трошат по другите општини кои се наменети за екологија, тоа се суми далеку помали од оние 80 милиони денари со кои ни сме заробени“, рече градоначалничката Наташа Петровска на денешната седница на Совет на која се носеше буџетот.
Воедно, Општината има наследен долг околу 13 милиони евра и секојдневно се соочува со нови тужби. Над сето ова, отпочнува и отплатата на кредитот што претходната општинска власт го зеде за изградба на улици во касарната откако парите од комуналиите беа потрошени за инфраструктура во индустриската зона „Жабени“. За враќање на основицата треба да се платат 7,7 милиони денари и 1,5 милион денари за камати. И покрај ваквите финансиски оптоварувања, Општината за идната година ќе издвои 15 милиони денари за отпочнување на гасификацијата, проект кој ќе даде долгорочни мерки во намалување на загадениот воздух.
„Не сакам и понатаму да се продолжи со политички игранки, како што се предлог на краткорочни мерки кои апсолутно не го решаваат суштински проблемот со загадувањето. Општина Битола е првата општина освен онаа која е веќе гасифицирана, која од буџетот предвидува 15 милиони денари за проектот гасификација“, додаде градоначалничката.
Општината има само еден инспектор за животна средина, па во соработка со здружението „Геосфера“ се откриле дел од стопанските субјекти кои загадувале. Така на еден индустриски субјект му било дадено решение за набавка на филтер за оџакот, на две градилишта и уште една фирма му бил одземен отпадниот материјал што го гореле место дрва, а биле преземени и други мерки.
Ж. ЗДРАВКОВСКА