Вевчани е домаќин на 16 домашни и странски сликари кои во наредните десет дена ќе творат во рамки на 16. меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“, создавајќи дела инспирирани од неговиот препознатлив дух. Колонијата ќе трае до 6 јули, а учествуваат уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и Украина.
Во текот на престојот, сликарите ќе создаваат дела инспирирани од природните убавини на Вевчани, неговата архитектура, богатото културно наследство и автентичната атмосфера.
„Секоја година за уметниците организираме тури низ земјава за да можат подобро да ја запознаат Македонија. Се надевам дека заминуваат со убави впечатоци. Најмногу ги воодушевуваат природата, чистиот воздух и архитектурата, но настојуваме темата на која ќе творат да биде слободна“, вели претседателката на „Вевчански видувања“, Ефимија Угриновска-Кукоска.
Сликарот Зоран Јакимовски веќе трета година е учесник на колонијата. Едно од неговите дела беше во колекцијата што беше претставена во Њујорк.
„Овие колонии се од огромно значење. Тука не само што се твори, туку младите уметници имаат можност да учат, бидејќи ваквите колонии се и испитување на самиот себе. Секогаш се трудиш да се претставиш најдобро што можеш, затоа што те следат и колегите“, вели Јакимовски.
Дел од годинашната програма се и проектот за млади сликари-таленти и четвртата Детска ликовна школа, која ќе ја води проф. Марјана Костојчиноска-Узунчева.
„Преку оваа иницијатива, младите уметници ќе имаат можност да бидат дел од колонијата, да работат во непосредна комуникација со афирмирани автори и да стекнат драгоцено искуство во средина што поттикнува творештво, размена на идеи и професионален развој. Детската ликовна школа, пак, има за цел да ја развива креативноста кај најмладите, да ги доближи до ликовната уметност и да им овозможи простор за слободно уметничко изразување“, велат организаторите.
Делата создадени на годинашната колонија ќе бидат претставени на изложба во Прага.
С. ВРЕНЦОВСКА



