ДЕЛОВИ ОД ТЕТОВО ВЕЌЕ ТРЕТ ДЕН БЕЗ ВОДА ПО ДВЕТЕ ХАВАРИИ НА МРЕЖАТА СТАРА 90 ГОДИНИ

    ДЕЛОВИ ОД ТЕТОВО ВЕЌЕ ТРЕТ ДЕН БЕЗ ВОДА ПО ДВЕТЕ ХАВАРИИ НА МРЕЖАТА СТАРА 90 ГОДИНИОткако по 12-часовна работа работниците од ЈКП Тетово успеаја да го санираат дефектот на улицата кај полициската станица, од утрово се работи на отстранување на дефектот на истата водоводна цевка, но сега на стотина метри подолу во паркот кај Шарената Џамија. (Фото: СДК.МК)

    Делови од Тетово, пред се населбите Блок 70 и Пржова Бавча, веќе трет ден се без вода за пиење поради големиот дефект кој настана на една од главните водоводни цевки во градот. Откако по 12-часовна работа работниците од ЈКП Тетово успеаја да го санираат дефектот на улицата кај полициската станица, од утрово се работи на отстранување на дефектот на истата водоводна цевка, но сега на стотина метри подолу во паркот кај Шарената Џамија.

    „Дојдени сме до дефектот во паркот на Шарена Џамија каде треба да се промени салонитна цевка во должина од 3 метри со цевка од друг материјал. Со отстранување на дефектот вчера на улица Цветан Димов за 85 проценти се нормализира снабдувањето на градот со вода за пиење. Сега околу 15 % од градот сѐ уште нема вода за пиење и тоа населбите Блок 70, Пржова Бавча, и улиците Браќа Миладинови и Ѓорче Петров. Санирањето на дефектот ќе продолжи во текот на денот“, изјави Љуљзим Шаќири раководител на водотехничката лабораторија на ЈКП Тетово.

    Поради пукање на една од главните водоводни цевки во градот во средата и четвртокот околу 90% од градот остана без вода за пиење.

    Водоводната мрежа во Тетово е стара 90 години и на многу места е дотраена и сколна на дефекти.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира