ДЕЛОВИ ОД ТЕТОВО ВИКЕНДОВ ОСТАНУВАА БЕЗ СТРУЈА ПОРАДИ ДЕФЕКТ И ПРЕОПТОВАРЕНОСТ НА ЕЛЕКТРИЧНАТА МРЕЖА

    ДЕЛОВИ ОД ТЕТОВО ВИКЕНДОВ ОСТАНУВАА БЕЗ СТРУЈА ПОРАДИ ДЕФЕКТ И ПРЕОПТОВАРЕНОСТ НА ЕЛЕКТРИЧНАТА МРЕЖАПрекините во саботата и неделата траеја по неколку часа (Фото: СДК.МК)

    Делови од Тетово викендов на неколку часа остануваа без електрична енергија. Прекините се случија во доцни попладневни и во рани вечерни часови, а беа најизразени во реонот на месната заедница „Борис Кидрич“.

    „Во саботата струјата ја снема околу 19 часот и прекинот траеше до 21 часот, а во неделата од 17:15 до 20:45 часот. Стравуваме од подолготрајни прекини поради очекуваните пониски зимски температури“, вели жител на месната заедница „Борис Кидрич“.

    Од ЕВН Македонија информираат дека дефект во саботата и преоптоварување на мрежата во неделата се причините за прекините.

    „Поради дефект на прекинувач во трафостаницата ‘Тетово 1‘, делови од Тетово останаа без електрична енергија во саботата во вечерните часови. Имајќи ги предвид ниските температури, корисниците беа префрлени во алтернативни напојни точки за снабдување како најбрзо можно решение. Токму затоа, во неделата се случи дефект поради преоптоварување на мрежата, но истиот го санираа екипите на Електродистрибуција и снабдувањето повторно беше нормализирано. Освен тоа, екипите на Електродистрибуција како дел од секојдневните активности реализираат и инвестициски зафати, односно планирани прекини“, информира Вјолца Селими од одделот за комуникации при ЕВН Македонија.

    Лани во август и декември жителите на Тетово се соочија со повеќечасовни прекини во напојувањето со електрична енергија, прво поради див ископ и оштетување на мрежата, а потоа поради дефект на 20-киловолтен кабел.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира