ДЕН ДЕНЕС СИ ПРАВИМЕ ШЕГИ И МЕСТЕНКИ СРЕДЕ НАСТАПИ, РЕЧЕ КОКАН ДИМУШЕВСКИ ОД „ЛЕБ И СОЛ“ КОИ 50 ГОДИНИ ЌЕ ПРОСЛАВАТ СО КОНЦЕРТ ЗА ОТВОРАЊЕТО НА „БИТФЕСТ“

    ДЕН ДЕНЕС СИ ПРАВИМЕ ШЕГИ И МЕСТЕНКИ СРЕДЕ НАСТАПИ, РЕЧЕ КОКАН ДИМУШЕВСКИ ОД „ЛЕБ И СОЛ“ КОИ 50 ГОДИНИ ЌЕ ПРОСЛАВАТ СО КОНЦЕРТ ЗА ОТВОРАЊЕТО НА „БИТФЕСТ“Членовите на „Леб и сол“ со градоначалникот на Битола Тони Коњановски на денешната прес-конференција. (Фото: СДК.МК)

    Легендарниот македонски бенд „Леб и сол“ во чија актуелна постава се басистот Бодан Арсовски, клавијатуристот Кокан Димушевски, тапанарот Михаил Парушев и гитаристот Димитар Божиков, со концерт на 26 јуни во античкиот локалитет Хераклеја во Битола, ќе одбележат 50 години постоење. Со концертот ќе се отвори Битолското културно лето „Битфест“.

    Димушевски рече дека во неговата музичка кариера има три значајни градови: Скопје, зашто таму настана бендот, Нови Сад, каде ги снимиле првиот и последниот албум и Битола каде пред 20 години одбележале 30 години постоење, а сега и 50. роденден.

    Запрашани дали на концертот ќе гостуваат и поранешните членови на бендот, Димушевски кажа дека нема да има, затоа што еднаш тоа го направиле и не излегло онака како што треба.

    „Енергетски не бевме добри еден со друг, искрено кажано, нема зошто да се крие. Одлични музичари, одлично сѐ подготвено, распродадени сали, а енергетски си заминувате по концерт дома и нешто не ви е во ред. Со оваа постава 20 години, после концерт не ми се оди дома, уште ми се седи со нив. Ако нема љубов на сцена, нема енергија меѓу нас, шега. Ние и ден денес на сериозни композиции си правиме шеги или местенки еден на друг. Интересното е тоа и за нас и за публиката“, рече Димушевски.

    Арсовски се заблагодари за честа што им ја пружа Битола, а Божиков рече дека освен во Скопје, да има можност би живеел во Битола зашто во градот сѐ му е близу. А најмладиот член на бендот, Парушев кажа дека е роден 25 дена по основањето на бендот и дека растел буквално со нивната музика, па најубавото нешто што му се случило во животот е што 16 години е дел од составот.

    Градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека концертот на македонската легендарна група, со која и тој ја минал младоста, ќе го отвори 17. издание на  „Битфест“ кој ќе понуди квалитетна музичка програма од 26 јуни до 31 август. Целокупната програма и финансиска конструкција ќе ја објават за десетина дена.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира